1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина сепак ќе биде иден производен погон на Европа?

М.Реер/ С.Недевски16 декември 2013

И покрај тоа што украинската владата, под притисок на Русија го откажа договорот за придружување кон ЕУ непосредно пред потпишувањето, странските инвеститори сѐ уште се надеват дека Украина сепак ќе зачекори кон ЕУ

https://p.dw.com/p/1AUMP
Фотографија: DW/T. Bondarenko

Пред 2 години компанијата Клингспор отвори фабрика на западот на Украина. Цел на Роланд Кашни, генерален директор на „Клингспор“ во Украина е ефтино производство. Цената на работната сила тука е значително пониска отколку во Германија.
„Следниот чекор, рековме, го правиме не за преместување, туку за проширување на производството и тоа во Украина, што од аспект на трошоците во други земји е незамисливо. Започнавме да правиме производи во кои цената на работната рака има голем удел во трошоците, со оглед на големиот потенцијал од работна сила во Украина.“, вели Кашни.
Марија Хмелевска е во компанијата од почетокот. Прво работела на подвижна лента, потоа се здобила со образование за лабораториска техничарка и напредувала. Сега работи во одделот за контрола на квалитетот. „Имаме добри можности за натамошно образование. Бев на курсеви за меѓународни индустриски норми во Киев. Овде има компјутерски курсеви за Ексел и за англиски јазик, на кои исто така одам.“, вели Марија Хмелевска.

Deutsche Unternehmen in der Ukraine Roland Kaschny
Роланд Кашни, генерален директор на „Клингспор“ во УкраинаФотографија: DW/T. Bondarenko

500 евра- убава плата во Украина

Регионот околу градот Лавов во западна Украина се развива потпирајќи се врз знаење и странски инвеститори. Украинскиот концерн за градежен материјали, алати и опрема за куќи „Епицентар“ во тоа виде шанса уште пред многу години. Денес тој има 40 продавници во земјата.
Со сопствени промотери, најчесто млади жени кои штотуку завршиле факултет, Клингспор ги продава своите абразивни производи на домашните занаетчии. „Епицентар“, меѓутоа, снабдува и градежни компании.
За Роланд Кашни ова е идеално за промоција на неговите производи. „Епицентар“, пак, се надева дека со тоа ќе привлече повеќе купувачи.
„Мислам дека тие постојано ќе ја шират својата палета на производи, а ние ќе бидеме први кај кои тие новитети ќе можат да се купат. Тоа е голема шанса за нас.“, вели директор на синџирот продавници „Епицентар“ во Лавов, Јуриј Јакимович
Владата во Киев со години го занемарува западот на Украина. Велики Мости, каде „Клингспор“ направи фабрика, не е исклучок. Многу луѓе бараат работа, добро образована стручна сила. Во време на Советскиот сојуз овој регион беше познат по индустрија за оружје, машиноградба и рударство.
Странските инвеститори во тоа ја гледаат својата шанса. „Клингспор“ примамува со плата на работниците од околу 500 евра месечно, што е далеку повеќе од украинскиот просек. Шефот од Германија неколку пати годишно организира вечера за сите и смета дека тоа ја подобрува атмосферата. А, љубопитен е и што уште ги интересира неговите луѓе.

Приближувањето до ЕУ носи правна сигурност

Многумина би сакале почесто да одат во Европа, не само на доусовршување во погоните на фирмата во Германија. Сепак, Украинците сѐ уште тешко добиваат виза, а тоа нема да се смени толку брзо. Роланд Кашни посакува да биде поинаку : „Ако сакате да поставите стандарди, ако сакате да кажете дека светот изгледа вака и има алтернативи... Луѓето сигурно сите ќе се вратат, многу се приврзани кон татковината и се горди што се Украинци, припадници на нација на која последните стотина години и беше многу тешко и која всушност повторно постои само 20 години, по пауза од повеќе стотици години... Луѓето треба да можат да патуваат, јас сум за тоа.“
Но, и обратно: ни на странските инвеститори не им е лесно, во Украина се борат со царини и со даночните власти. Приближувањето на земјата кон ЕУ би им донело поголема правна сигурност.
„Има огромен број закони и прописи на кои украинските фирми не се придржуваат. Можете да ги избегнете работејќи со пари на црно. Ние не работиме со готовина, во трезорот немам ниту една гривна - така се вика украинската валута. Сите финансиски трансакции ни се одвиваат преку банкарски сметки, во согласност со законите“, објаснува Кашни.
Фабриката ќе се шири. Роланд Кашни планира да го зголеми бројот на вработени од 300 на 500.
А Марија Хмелевска се надева дека наредните професионални усовршувања набрзо повторно ќе ја одведат во Германија.

Deutsche Unternehmen in der Ukraine Klingspor
Фотографија: DW/T. Bondarenko