1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина се спасува од банкрот со руски пари

Б. Георгиевски/ртр18 декември 2013

Властите во Украина можат привремено да здивнат. Со ветените кредити од Москва, земјата, барем привремено, е спасена од банкрот. Останува да се најде решение за експлозивната политичка ситуација

https://p.dw.com/p/1AblH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Украинскиот претседател Виктор Јанукович обезбеди итен заем вреден 15 милијарди долари од Русија, обезбедувајќи „прва помош“ за економијата која е на работ на банкрот, но во исто време предизвика и жестоки критики во домашната политика и обвинувања дека „ја продал“ државата.

Прифаќајќи ја помошта која му ја понуди рускиот претседател Владимир Путин, Јанукович предизвика нови, уште посилни барања да поднесе оставка од домашните опоненти, кои со недели протестираат против неговата одлука да се откаже од договорот за поблиска асоцијација со ЕУ.

Десетина илјади демонстранти излегоа на улиците на Киев синоќа, откако беше обелоденето дека Јанукович го потпишал договорот со Путин, со кој Русија се обврзува да купи украински државни обврзници и да ја намали цената на гасот.

„Ние сакаме да одиме кон Европа, не кој Русија, тоа е нашиот избор“, вели Јулија, студентка која демонстрира во Киев.

Опозициските лидери повикаа на масовни протести во следните денови.

„Тој ги предаде украинските национални интереси, ја предаде нашата независност“, извикуваше пред демонстрантите опозицискиот лидер и поранешен боксерски шампион Витали Кличко.

Ukraine Proteste in Kiew Vitali Klitschko
Витали КличкоФотографија: picture-alliance/dpa

Киев пред банкрот

На Украина итно и беа потребни пари за да ја покрие дупката во надворешната размена од околу 17 милијарди долари за следната година- што е речиси на исто ниво со државните резерви на Централната банка, и на тој начин да избегне бакрот.

Потсетувајќи на тежината на проблемот, рускиот министер за финансии Антон Силуанов најави дека Москва ќе откупи украински обврзници во вредност од 3 милијарди долари веќе на почетокот на следната недела, што ќе биде првата рата од откупот во вкупна вредност од 15 милијарди долари.

Во првичните реакции, САД го предупредија Киев дека постигнатиот договор со Русија нема да ги задоволи барањата на демонстрантите, додека германската канцеларка Ангела Меркел порача дека врските со Русија не се пречка за приближување на Украина кон Западот.

„Во моментов делува како да се работи за предлог земи или остави... Мора да ставиме крај на тоа. Натпревар во тоа кој ќе понуди повеќе нема да го реши проблемот“, вели Меркел. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пред парламентот изјави дека Западот врши голем притисок врз Украина.

Планот на Путин е да ја привлече Украина, земја богата со минерали и руди, во Евроазиската унија која сака да ја изгради заедно со Казахстан, Белорусија и други поранешни советски републики, која би можела да им се спротивстави на економската моќ на САД и Кина. Без Украина, таа унија тешко ќе ја оствари целта.

Ukraine Demonstration 15.12.2013
Протести во КиевФотографија: Reuters

Во скутот на Москва

Двајцата претседатели седеа еден до друг во големата сала во Кремљ, разменувајќи пријателски насмевки додека ги потпишуваа договорите со кои се намалуваат трговските ограничувања за Украина. Москва одобри и намалување на цените на гасот. Во иднина, Украина ќе плаќа 268,5 долари за илјада кубни метри гас, наместо досегашната цена од 400 долари.

Во забелешка очигледно насочена кон ЕУ, Путин изјави дека понудата на Москва не е обременета со никакви услови, вклучително и со обврската Украина да влезе во царинска унија со Русија.

Договорот ја стабилизаше цената на украинскиот долг. Инвеститорите велат дека со него е избегната опасноста од брз банкрот на земјата или валутна криза, но тој ќе биде голем товар за руската економија која е во криза.

„Ова е спас. Без тие пари, Украина ќе банкротираше некаде кон средината на следната година“, вели Крис Вифер од консултантската куќа Макро-Адвајзори.

Во секој случај, преку можноста за економска контрола Москва добива голема финансиска надмоќ врз Украина. Доколку ја повлече својата помош и ја зголеми цената гасот, Украина може брзо да банкротира. Путин го подвлече токму тоа, кога најави дека цената на гасот е само привремена.