1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смена на власта со брзо темпо

ЖА/дпа/миа/афп/ртре24 февруари 2014

Противниците на соборениот претседател на Украина, Виктор Јанукович, со брзо темпо ги заземаат клучните позиции на власта. В.д. шефот на државата, Олександар Турчинов најави курс кон ЕУ, но и добри односи со Русија.

https://p.dw.com/p/1BEHZ
Фотографија: picture-alliance/Itar-Tass/Maxim Nikitin

Вршителот на должноста претседател на Украина Олександар Турчинов вети дека земјата повторно ќе тргне по патот на европската интеграција и парлалелно со тоа ја подвлече важноста на добрите односи со Русија.

„Најважно за нас е повторно да појдеме по патот на европската интеграција“, изјави вчера Турчинов во обраќањето кон нацијата.

„Украина е подготвена за нови, рамноправни и добрососедски односи со Русија“, посочи притоа Турчинов и ја повика Русија да го почитува европскиот избор на Украина.

„Подготвени сме за дијалог со Русија, подготвени сме да ги развиваме нашите односи на рамноправна основа, при што ќе се уважи европскиот избор на Украина. Се надевам дека оваа ориентација ќе се потврди на претседателските избори, закажани за 25 мај“, изјави Турчинов.

„Земјата ни е на работ на инсолвентност“, дополни вршителот на должноста претседател на Украина. Тој остро го искритикува владеењето на соборениот претседател Виктор Јанукович и неговиот премиер Микола Азаров, кои, според него, ја разориле земјата.

Главната задача на новата Влада е да го врати правниот поредок, да ги прекине конфронтациите и да го гарантира мирот и спокојот во Украина.

Русија во меѓувреме го повика на консултации својот амбасадор во Украина Москва, 24 февруари 2014 (МИА) - Русија го повика на консултации својот амбасадор во Украина, сооопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Заради влошената состојба во Украина и неопходноста од целосна анализа на ситуацијата, беше доенсена одлука амбасадорот на Руската федерација во Украина Михаил Зурабов да биде повикан на консултации во Москва“, се наведува во соопштението на министерството.

САД стравуваат од руски притисок врз Украина

По завршувањето на зимските Олимписки игри во Сочи, американски политичари предупредуваат дека САД треба да се подготват за засилен руски притисок врз Украина, каде неколкудневните крвави протести доведоа до смена на претседателот Виктор Јанукович.

Според сенаторката Кели Ајот, за време на Игрите во Сочи Русија не сакала да се обиде да изврши отворен притисок врз Украина, но по нивното завршување, се‘ е можно.

„Сега по завршувањето на Олимписките игри мораме да внимаваме на однесувањето на Русите. Претседателот мора да почне да дејствува на повисоко ниво и да испрати јасна, недвосмислена порака до Путин да не интервенира во тоа што се случува во Украина, да биде јасно дека Украинците нема да се соочат со мешање во нивните внатрешни работи. Го видовме однесувањето на Путин, од прифаќањето на Едвард Сноуден до мешањето во Сирија и вооружувањето на режимот на Асад и наводите за кршење на договорот за елиминирање на проектилите со среден дострел од страна на Русија. Јасно е дека политиката на ресетирање на односите со Русија не успеа“, изјави сенаторката Кели Ајот, членка на Комисијата за надворешни работи на Сенатот.

Ukraine Kiew Dezember 2013
Фотографија: Getty Images

Изјавата на Ајот доаѓа откако советничката за национална безбедност Сузан Рајс ја предупреди Русија да не се обидува да испрати вооружени сили во Украина во обид да го врати Јанукович, или некој друг политичар прифатлив за Русија, на власт.

„Тоа би била голема грешка“, изјави Рајс.

По едночасовниот разговор на американскиот претседател Барак Обама со Путин по смената на Јанукович, и државниот секретар Џон Кери вчера имал телефонски разговор со рускиот колега Сергеј Лавров.

Секретарот Кери изјави дека Владата на САД силно ги поддржува постапките на украинскиот Парламент да се именуваат вршители на должноста претседател и премиер, и да се побрза со стабилизирање на политичката и економската ситуација во земјата.

Секретарот Кери потенцира дека гласањето во Парламентот било со огромно мнозинство на избраниците на украинскиот народ, од сите партии, вклучително и од Партијата на регионите, и тоа нуди најдобар и најветувачки пат напред кон брзо воспоставување на мир и стабилност во Украина, како и да се одговори на големите финансиски потешкотии со кои Украина се соочува во следните недели и месеци, соопшти Стејт департментот по разговорот на Кери со Лавров. Кери го повикал Лавров Русија да се приклучи кон напорите на Европската Унија и одделните членки на ЕУ „да и се помогне на Украина да сврти нова страница и да излезе од кризата посилна и обедината“.

На крајот од соопштението и‘ се порачува на Русија дека САД очекуваат сите држави да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и слободата на избор на Украина.

Оланд: Да се почитуваат единството и територијалниот интегритет на Украина

И францускиот претседател Франсоа Оланд ја поздрави демократската транзиција во Украина, нагласувајќи дека треба да се почитува единството и територијалниот интегритет на земјата.

Во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркела, тој истакна дека започнатата демократска транзиција одговара на стремежите на украинскиот народ по насилствата во претходните денови.

„Франција, со помош на ЕУ, целосно ќе ги поддржи политичките реформи и економската модернизација на Украина. Германскиот и францускиот министер за надворешни работи ќе продолжат да работат во тој правец“, се наведува во соопштението од Елисејската палата.

Оланд и Меркел сметаат дека е потребен состав на влада, во кој ќе биде претставен целиот политички спектар, нагласувајќи дека нивните две земји ќе продолжат да ги координираат своите политики кон Украина.