1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинската опозиција се здружи во проевропски блок

АМ/миа/афп22 декември 2013

Украинските опозициски партии објавија формирање на здружен опозициски блок под називот Општонародна организација „Мајдан“. На денешниот, петти проевропски протест, тие сепак собраа најмалку луѓе.

https://p.dw.com/p/1Aeqt
Фотографија: Reuters

Украинските опозициски проевропски партии, кои ги предводат антивладините протести во Киев, денеска пред учесниците на протестниот митинг на централниот киевски „Плоштад на независноста“, објавија формирање на здружен опозициски блок под називот Општонародна организација „Мајдан“.

За лидери на блокот се избрани првите луѓе на партиите Татковина, Украинска демократска алијанса за реформи (УДАР) и Слобода, Арсениј Јаценјук, Виталиј Кличко и Олег Тјагнибок, како и поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко.

Според најавите, Општонародната организација „Мајдан“ има за цел „да ги обедини групите и граѓаните во напорите за остварување на барањата на опозицијата“, кои меѓу останатото опфаќаат и оставка на Владата и одржување предвремени избори.

Јаценјук изјави дека „Мајдан“ ќе се бори „против корупцијата, против подмитливите судии и обвинители и против корумпираната и подмитлива Влада, која се обидува да ја спречи Украина да стане дел од Европа“.

Тјагнибок, пак, ги повка учесниците на протестот да формираат ограноци на „Мајдан“ во „своите села, градови, претпеијатија и институции“.

На денешниот протестен митинг на проевропската украинска опозиција на „Плоштадот на независностё“ се собраа околу 40 илјади лица за да го изразат своето незадоволство од одлуката на Владата во последен момент да не го потпише договорот за асоцијација на Украина со Европската унија.

Се проценува дека петтиот последователен протест собра најмалку Украинци на „Плоштадот на независноста“, имајќи в предвид дека на претходните учествуваа неколку стотици демонстранти. Новинските агенции анализираат дека протестното движење се губи во барањето одговор – како да одговори на контроверзните договори што претседателот Виктор Јанукович ги склучи во Москва за финансиска помош за спас на украинската економија. Витали Кличко сепак денеска ги убедуваше насобраните демонстранти дека протестите ќе продолжат.