1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинските олигарси ги влечат конците во политиката

Катја Ајхорн / Александар Методијев19 февруари 2014

Украинските олигарси не сакаат да се најдат на некоја црна листа составена од западните земји. Тие досега ја поддржуваа актуелната власт. Но, по масовните протести, тие почнаа да покажуваат симпатии и за опозицијата.

https://p.dw.com/p/1B7Zj
Фотографија: DW/O. Sawytsky

Фронтовите се заострија откако два месеца протестите се одвиваа мирно, но во политиката немаше никакви промени. Гневот прерасна во насилство, а надежта за промени - во брутален очај. Ова е борба на Давид против Голијат.

„Трагедијата на движењето од Мајдан е што тоа нема претставници или благонаклонети подржувачи на највисоки нивоа на државната власт. Луѓето, кои би можеле да се ангажираат за него, се плашливи, оти можат многу да загубат“, вели политикологот Димитри Орешкин.

Овде се мисли на олигарсите - украинските милијардери, кои ги влечат конците од заднина. На пример 47-годишниот Ринат Ахметов. Тој е сопственик на фудбалскиот клуб Шахтјор Доњецк, со годишен буџет од 90 милиони евра еден од врвните во Европа. Ахметов поседува речиси се’ во Доњецк - милионски град во источна Украина. Во негова сопственост е и најскапиот хотел во земјата.

Од рударско семејство до милијардер

Ахметов потекнува од рударско семејство. Првите пари наводно ги заработил од игра криенка со кибритчиња, а потоа како боксер. Не е познато како станал милионер. Тој владее со целото производство на јаглен и челик во Украина, диригира банки и телевизиски станици. Во родниот град е омилен, посебно меѓу фудбалските навивачи.

Rinat Achmetow
Ринат Ахметов има и пари и влијаниеФотографија: picture-alliance/ZB

„Тој го направи нашиот град поубав. Стадионов го изгради според неговите соништа. Тој плати за остварување на тие соништа и ова е добро за сите нас“, смета Галина Старудубез, жителка на Доњецк.

„За тимот е добро дека е финансиран од него. Така можат да купат одлични фудбалери - вистински ѕвезди. Тие заработуваат многу, ако помислам на нашите плати. За играчите се трошат милиони“, вели Јури Старудубез, жител на Доњецк.

Ринат Ахметов инвестира милиони и во политиката. На пример, тој ја поддржа изборната кампања на претседателот Јанукович.

„Олигарсите се во голема мера зависни од државната власт. Од една страна, тие финансираат лица од државната власт, кога таквите имаат финансиски потреби, а од друга, олигарсите, со протекција од државната власт, добиваат неопходна политичка поддршка за некоја конкретна област во економијата“, вели политикологот Димитри Орешкин.

Ukraine Kiev Protest Anti Regierung
Како што протестите стануваа се’ помасовни, така олигарсите почнаа да флертуваат со Западот и опозицијатаФотографија: Reuters

Взаемен интерес

Државата им обездедува монопол на олигарсите и ги штити од конкуренција. За возврат тие ја поддржуваат политиката. Тоа е договор, кој се исплати за двете страни. Затоа најголем дел од олигарсите не ги поддржуваат демонстрантите на Мајдан, барем не официјално. Истовремено тие флертуваат и со Западот, го ублажуваат влијанието на претседателот и, според експертите, спречуваат полоши работи.

„Олигарсите воопшто не се расположени за решение на кризата со насилно сценарио, бидејќи и на Запад имаат имот, пари во банка, вили и не би сакале своето име да си го откријат на некоја црна листа. Тие не би сакале да си ги окрвават рацете, бидејќи според класичното, советско сценарио таква ситуација би се решила со митралез или со тенкови“, смета политикологот Орешкин.

Но, граѓанска војна не е во интерес на махерите. Таканаречениот „клан од Доњецк“ е најголемата потпора на Јанукович. Тука спаѓаат Микола Азаров, донеодамна премиер, и Андреј Кљујев, шеф на Националниот совет за безбедност и одбрана. Оваа група ја создаде еден од најблиските сојузници на Јанукович и еден од најбогатите луѓе во Украина - Ринат Ахметов. Неговиот имот се проценува на повеќе од 10 милијарди евра. Тој наводно контролира 50-ина од 449 пратеници во парламентот. Кога ескалираа протестите, тој преку својата компанија соопшти дека е „категорично против секакво насилство, се залага за воведување европски вредности и за политички компромиси“. Разнишана ли е власта на Јанукович?

„Ахметов не е само некој од тимот на Јанукович. Тој има и свои сопствени интереси. Мора да биде силен, мора да се обиде да го држи Јанукович во шах-позиција, за да не западне во целосна зависност од него“, вели политикологот Орешкин.

Значи, само мали игри за превласт меѓу пријатели? Се’ додека Јанукович е на власт, веројатно ќе може да смета на поддршката од „кланот Доњецк“. Но, и тие веќе фаќаат позиции за да се осигураат во случај Јанукович да падне од власт.