1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите во Киев како пример за Белорусија?

Ј.Данејко, М. Остапчук / С. Недевски21 февруари 2014

Многу луѓе во Белорусија им стискаат палци на демонстрантите во Украина. Предничат опозициските политичари кои многу добро од сопственото искуство знаат колку е тешко да се постигне политички пресврт.

https://p.dw.com/p/1BCCO
Фотографија: DW/Oleksandr Sawitsky

Протестите против украинската влада во Белорусија се следат многу внимателно. И не само откако во Киев загина едно момче од Белорусија. Населението во Белорусија добро го познава секој вид на насилство. Претседателот Александар Лукашенко во 2010. година нареди демонстрациите на опозицијата да се задушат на најбрутален начин. Стануваше збор за собир на кој демонстрантите мирно протестираа против измамите на изборите.

Широко распространета апатија

„За случувањата во Украина пред сѐ се разговара во кругот на семејството“, вели за ДВ Алексеј Јанукевич, лидер на опозицискиот „Белоруски народен фронт“: „Ангажманот на Украинците за европска ориентација на нивната земја кај Белорусите се' повеќе буди надеж дека и во нивната земја ќе дојде до будење на општеството.“ Главен проблем и натаму претставува раширената апатија. Јанукевич вели оти 20 години по авторитарното владеење на Лукашенко голем број луѓе одамна загубиле верба во тоа дека се можни промени во земјата. Меѓутоа, случувањата на централниот плоштад во Киев инспирираат многумина во Белорусија.

Alexey Yanukewitsch
Алексеј ЈанукевичФотографија: DW

„Ставот на населението за случувањата во Киев зависат од тоа кој извор на информации го користат“, вели Јанукевич. Поголемиот број од нив има само пристап до телевизиски канали кои се блиски до владејачката структура или пак до руски телевизии. Таквите медиуми случувањата во Украна ги карактеризираат како вандализам и ги преставуваат како обид за државен удар со кој се управува од странство. Додуша постои и пристап до независни медиуми, пред сѐ по пат на интернет. „Благодарејќи на тие медиуми Белорусите добиваат информации дека во Украина всушност се работи за борба против авторитарен режим“, вели Јанукевич.

Anatoly Lebedko Leiter der Partei OGP Vereinte Bürgerpartei
Анатолиј ЛебедкоФотографија: DW

Движења против авторитаризмот

Лидерот на „Обединети граѓански партии“, Анатолиј Лебедко, во разговорот за Дојче Веле укажува на тоа дека протестите во Украина започнаа со барање да се продолжи со европска интеграција на земјата. „Меѓутоа, во меѓувреме тоа се претвори во борба против авторитарната власт“, вели Лебедко, кој смета оти Белорусите случувањата во Украина ги гледаат како револт кон неправдата, корупцијата, бирократијата и самоволието на властите. Успехот на револуцијата во Украина би можел да биде сигнал за соседните земји.

Стравот од државни репресалии многу пораширен

Сергеј Каљакин, лидер на левичарската партија „Праведен свет“ предупредува дека не треба да се претерува со можното влијание на протестот во Украина врз Белорусија. Поголемиот број од населението негативно гледа на протестите: „Токму онака како што за нив известуваат државните медиуми. Тие тврдат дека на протестите учествуваат криминалци и националисти од секаков вид“, вели Каљакин.

Sergej Kaliakin Politiker Weißrussland ARCHIV 2012
Сегеј Каљакин (лево)Фотографија: DW/E. Danejko

Опозицискиот политичар, сепак, не ја исклучува можноста многу демократски настроени Белоруси да соберат храброст. Меѓутоа, тој не верува оти успехот на опозицијата во Украина може да доведе до протести против Лукашенко. Ситуациите во овие две држави се различни. „Украинците се многу понезадоволни од Белорусите. Во Белорусија стравот од државните репресалии е многу пораширен отколку во Украина“, вели Каљакин.