1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уличната војна во Бангкок зема се’ повеќе жртви

15 мај 2010

Бројот на загинати во уличните судири во Бангкок во последниве два дена се искачи на 22, сите цивили. Обединетите нации ги повикаа владата и демонстрантите во Тајланд да го сопрат насилството.

https://p.dw.com/p/NOiD
Фотографија: AP

Во денешните судири меѓу антивладините демонстранти и силите за безбедност во Бангкок загинале најмалку шест лица. Со тоа бројот на загинати во последните 48 часа се искачи на 22, сите цивили, соопштија спасувачките екипи во градот. Меѓу настраданите нема странци. Американската амбасада во Бангкок меѓутоа најави ново предупредувањр до своите граѓани да избегнуваат какво било патување во тајландската престолнина.

И покрај ескалацијата на насилството во Бангкок, противниците на владата и натаму им пружаат отпор на тајланските сили за безбедност, поставувајќи натамошни барикади. Во областа, запоседната со недели, во центарот на тајланскиот главен град и денеска дојде до престрелки:

Со гранатни фрлачи демонстрантите, т.н. „црвени кошули“, испукаа гранати кон силите за безбедност, кои пак возратија делумно со боева муниција.

NO FLASH Bangkok Unruhen
Фотографија: AP

Зад барикадите се празнат залихите

Портпаролот на владата Панитан Ватанајагон најави дека ќе бидат зајакнати безбедносните сили за да се нормализира ситуацијата:

„Силите за безбедност имаат задача да ја штитат јавноста. Тие ќе ја употребат боевата муниција само ако се пука врз нив и тие мора да се бранат. Силите за безбедност на контролните пунктови и натаму ќе пребаруваат оружје и ќе сторат се’ да не дозволат нови демонстранти да влезат во запоседнатиот дел.“

Зад барикадите, по се’ изгледа се празнат резервите со прехранбени производи, вода и бензин. Утрово, возач на еден камион беше убиен од силите за безбедност, кога се обидел со неговото возило да ги урне блокадите на улиците, за да им однесе на „црвените кошули“ нови залихи.

Најтешките борби утрината се водеа, на местата каде се двете стратешки важни барикади на југот на областа каде се „црвените кошули“, но и на северот, каде противниците на владата освоија голема кростосница и поставија нови барикади и на тој начин сообраќајот го пренасочија кон зоната забранета од војската.

Апел за заштита на децата

Unruhe und Gewalt in Thailand
Фотографија: AP

На главната трибина на „црвените кошули“ на централната крстосница, водачите на движењето ги повикаа приврзаниците на издржливост. Во меѓувреме генералниот секретар на тајландската фондација за заштита на децата ги повика „црвените кошули“ сите деца и стари лица да ја напуштат зоната опколена од силите за безбедност.

Владиниот портпарол, Панитан Ватанајагон ја бранеше акцијата за силите за безбедност истакнувајќи дека терористи, тешко вооружени и воено обучени луѓе, биле измешани меѓу демонстрантите и се грижеле насилството да ескалира.

„Очигледно некои групи се обидуваат натаму да ја дестабилизираат ситуацијата во Бангкок. Но можат да бидат сигурни дека нашите сили за безбедност ќе сторат се’ за да ги заштита граѓаните на Тајланд и странските гости. “

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изрази загриженост за развојот во Бангкок и ги повика сите страни да го прекинат насилството.

Автор: Бернд- Муш Боровска/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски