1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улогата на ЕЦБ пред Уставен суд

Жанг Данхонг / Елизабета М. Фиданоска11 јуни 2013

Улогата на Европската централна банка во спасувањето на еврото од денеска (11.06) е под лупа на германскиот Уставен суд во Карлсруе. Го пречекорила ли ЕЦБ својот мандат? Пресудата се очекува наесен.

https://p.dw.com/p/18nRB
Фотографија: Getty Images

Тоа беше најголемата тужба пред Уставниот суд во историјата на Германија. На тужбата против постојаниот фонд за спас на еврото ЕСМ, поднесена од професори и пратеници, минатата година и‘ се приклучија над 37.000 граѓани. Највисокиот суд во итна постапка додуша даде зелено светло за ЕСМ, но не го криеше својот сомнеж во однесувањето на Европската централна банка. Во главниот претрес, кој почнува денеска, судот треба да провери дали ЕЦБ во спасувањето на еврото го пречекорила својот мандат.

Дуел меѓу Бундесбанката и ЕЦБ

Бундесбанката и ЕЦБ по ова прашање веќе разменија неколку удари преку стручни проценки. Бундесбанката е незадоволна пред се‘ од таканаречената ОМТ-програма на ЕЦБ, донесена минатиот септември, со која во случај на нужда може да се купуваат неограничено многу обврзници на државите во криза. ЕЦБ на тој начин „целно би купувала обврзници со лош бонитет“ и би ги зголемувала ризиците, оценува Бундесбанката. На тој начин, како што се тврди, ЕЦБ го пречекорува својот мандат за одржување на стабилност на вредноста на валутата. Ваквиот став го дели и економскиот експерт Јоахим Старбати, кој е еден од подносителите на тужбата против ЕСМ: „Тоа не е задача на ЕЦБ. Во Мастришкиот договор стои дека задача на ЕЦБ е стабилизирање на валутата, а не стабилизирање на еврозоната.“

Joachim Starbatty
Јоахим Старбати, еден од тужителитеФотографија: picture-alliance/dpa

Слично аргументира и Бундесбанката во својата проценка поднесена пред Уставниот суд. Не е задача на ЕЦБ да го гарантира актуелниот состав на монетарната унија, оценува германската Централна банка.

Франк Шоркопф, правник за европски прашања и автор на стручната проценка на ЕЦБ, исто така се повикува на ЕУ-договорот, но доаѓа до поинаков заклучок - со оглед на тоа што зачувувувањето на финансиската стабилност е исто така дел од задачите на ЕЦБ, а програмата за купување обврзници е во служба на оваа цел, ЕЦБ за тоа има мандат. Со други зборови: доколку е загрозена егзистенцијата на монетарната унија, веќе нема да може да стане збор ниту за стабилни цени. Според договорот на ЕУ, ЕЦБ не смее директно да купува обврзници од државите што се во криза и на тој начин да се занимава со финансирање на државите. Меѓутоа, од избивањето на кризата, ЕЦБ натрупа обврзници од евро-државите во криза во висина од 200 милијарди евра.

Symbolbild ESM
Го пречекори ли ЕЦБ мандатот?Фотографија: picture-alliance/dpa

Јоахим Старбати тврди дека не игра никаква улога тоа дали обврзниците се купени директно од државите или преку банките. Тој за ДВ оценува дека ЕЦБ „не смее сама од себе едноставно да купува обврзници“, а ако тоа го прави, таа го „крши својот мандат“.

Финансирање на држави „на мала врата“?

Она што звучи како правно ситничарење за германските уставни судии е исклучително важно. Тие уште во текот на итната постапка заклучија дека купување на финансиските пазари кое де факто се сведува на финансирање на членките на ЕЦБ „на мала врата“ значи прекршување на европското право. И додека претседателот на Бундесбанката Јенс Вајдман предупреудва од „дрогата државно финансирање“, Хенинг Фепел од хамбуршкиот Институт за светска економија не препознава скриено финансирање на државите, затоа што „загрозена беше валутата и стабилноста на финансискиот пазар“. Оттука, според Фепел, „интервенцијата на ЕЦБ беше исправна“.

Jens Weidmann
Јенс Вајдман, претседател на БундесбанкатаФотографија: Reuters

Фепел, меѓутоа, се согласува по едно друго прашање со Бундесбанката и критичарите на ЕЦБ, а тоа е дека при спасот на еврото ЕЦБ е во опасност да ја загуби својата независност: „Ако таа мора постојано да интервенира, ќе биде помалку независна. А кога ќе стане помалку независна ЕЦБ ќе стане и послаба“, вели Фепел за ДВ.