1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улрике Мариа Кноц: посакувам скорешна либерализација на визниот режим за Македонија

Горан Петрески 28 јануари 2009

Германската амбасадорка во Македонија, Урлике Мариа Кноц, во интервју за Дојче Веле зборува за визната либерализација, за евроатлантските интеграции и очекувањата од изборите во Македонија.

https://p.dw.com/p/Ghta
Германската амбасадорка Улрике Мариа Кноц со македонскиот дипломат Срѓан КеримФотографија: Petr Stojanovsk

Госпоѓо Кноц, Вашиот мандат во Македонија почнува во период на затегнати односи во регионот. Може ли нестабилноста од Босна и Херцеговина и од Косово да се пренесе и во Македонија?

Улрике Мариа Кноц: Тешко би можела да претпоставам дека затегнатоста во Косово и во Босна и Херцеговина може значително да влијае врз ситуацијата во Македонија. Проблемите во овие две земји се од меѓуетнички карактер, се’ уште се отворени и потребно е итно да се решат. Напротив, меѓуетничкиот соживот во Македонија е добро организиран врз основа на Охридскиот рамковен договор. Се разбира дека и во Македонија не се решени сите проблеми, меѓутоа Охридскиот рамковен договор е добра основа. Сите релевантни политички фактори го поддржуваат договорот и таа заедничка поддршка гарантира меѓуетничка стабилност во земјава.

Како ја доживувате Македонија по неколку месеци престој? Имавте ли поголеми очекувања пред да дојдете во Скопје?

Уште при подготовката, пред доаѓањето во Македонија, кога ја проучував историјата, актуелната политичка ситуација и македонскиот јазик, ми беше јасно дека ме очекува фасцинантна земја. Не сум разочарана, напротив, многу сум задоволна од мојот мандат. Многу ми се допаѓаат македонските природни убавини, а се разбира исто така и љубезноста на луѓето.

Што најмногу ви пречи во Македонија?

Што не ми се допаѓа во Македонија? Да не живеев тука како странски дипломат, туку како обичен граѓанин, најмногу би ми пречеле таканаречените врски за решавање на банални и поважни лични работи. Се разбира дека Македонија не е единствената земја, што го има овој проблем, истото се забележува во многу други земји. Јас лично би сакала повеќе да се потпрам врз работата на надлежните институции, отколку на некакви врски.

Дали очекувате Македонија годинава да добие безвизен режин од страна на Европската унија?

Се надевам дека Македонија ќе го добие безвизниот режим што е можно побрзо. И во други пригоди истакнував дека визната либерализација нема никаква врска со прашањето за името. Знам дека во Македонија, пред се’ за младите луѓе, визната либерализација е мошне чувствителна тема. Непреченото патување на луѓето е важно за понатамошното приближување на Македонија кон ЕУ. Сите ја посакуваат визната либерализација, меѓутоа за таа цел мора да бидат исполнети одредени услови, кои се од техничка природа. Македонската влада треба да се потруди да ги исполни и мислам дека е на добар пат да го стори тоа.

Да, генерално стандардите се исполнети, такви се и оценките на европските експерти. Што би можело да биде пречка за да падне Шенгенскиот ѕид за македонските граѓани? Стравува ли Вашата земја, Германија, на пример од наплив на македонски мигранти, ако се укинат визите?

Укинувањето на визната обврска не значи дека нема да има повеќе никаква контрола на движењето на лицата. Со други зборови, визниот режим како контролен инструмент ќе се замени со друг вид контрола. Целта на овие контролни системи е спречување на несакана миграција и увоз на организиран криминал. Тоа се глобални проблеми кои се однесуваат на сите држави и за кои е потребна добра меѓународна соработка на полицијата. Европската унија и Македонија се договорија кои мерки треба да се преземат за укинување на визниот режим, тоа се технички мерки. Моментално експертски тимови од Европската комисија проверуваат дали се исполнети овие услови.

Долгорочно, загрозена ли е стабилноста на Македонија, ако земјата поради спорот со Грција остане надвор од НАТО?

Македонија нема непријатели, кои би ја нападнале од надвор. Освен тоа, иако Македонија официјално не е членка на НАТО, постои многу тесна соработка со оваа организација. Сепак, убедена сум дека членството на земјата во НАТО и Европската унија, односно конкретизирањето на овие перспективи, позитивно би влијаело врз целокупната внатрешно-политичка ситуација.

Има ли меѓународната заедница дополнителна воља и механизми, да влијае врз Грција, за Атина да не го попречува влезот на земјата во НАТО под референцата ПЈРМ. Тоа е обврска на која Грција е обврзана и во Времената спогодба, за која, пак, гарант е меѓународната заедница во ликот на Обединетите Нации?

Меѓународната заедница се ангажира во спорот околу името преку процесот на преговори, коишто се одржуваат под покровителство на Обединетите Нации. Овој спор трае многу долго и сега е најважно што е можно побрзо да се најде прифатливо решение за двете страни. Ве уверувам дека претставниците на германската влада и пратениците во парламентот ја користат секоја пригода да ги натераат грчката, но и македонската страна, да покажаат поголема флексибилност.

Што ќе се случува со Македонија за време на Вашиот мандат како германски амбасадор во Скопје? Какви се вашите очекувања?

Јас не сум гаталка и среќна сум поради тоа. Можам само да Ви кажам на што се надевам и за што сакам да придонесам, а тоа е Македонија да постигне вистински напредок при интеграцијата во евроатланските структури.

Медиумите се под засилен надзор на меѓународната заедница која укажува на злоупотреба од страна на одредени бизнис и политички центри на моќ. Забележувате ли Вие застој во слободата на печатот, слободни ли се медиумите во Македонија или се контролирани?

За секоја демократија од витално значење е медиумите да можат да работат слободно и без притисок. Мислам дека во Македонија има простор за подобрување.

Генерално, сметате ли дека Македонија е демократско општество или забележувате застој на вкупните демократски процеси во Македонија?

Во Македонија има демократија. Како што стои во извештајот на Европската комисија од ноември минатата година, иако има напредок, се’ уште постојат и одредени дефицити во политичката култура. Очекувам позитивен развој во таа сфера.

Бидејки се посочени слабости во делот на политичката култура, очекувате ли претстојните претседателски и локални избори во Македонија да бидат фер и демократски?

Многу е важно претстојните локални и претседателски избори да се реализираат во добра и мирна атмосфера. Знам дека македонската влада ќе ги преземе сите чекори за тоа.

Дали Балканот е се’ уште во фокусот на германската надворешна политика и по прогласувањето на косовската независност или интересот сега се сели во некои други предели во светот?

Земјите од Западен Балкан се поврзани со Европската унија на посебен начин. Тие се оценуваат како идни членки. Иако процесот на интеграција на овие земји е долготраен и комплициран, иднината на Унијата не би можела да се замисли без нив. Се разбира дека идните членки секогаш се и ќе останат во фокусот на Европската унија и Германија.