1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улрике Мејфарт – „малата“ која го собра златото

23 јули 2008

Улрике Мејфарт ја заврши својата кариера на Олимписките игри во Лос Анџелес 1984 година. 12 години по нејзината прва олимписка победа грандиозно се вради на врвот, по што ги напушти спортските борилишта.

https://p.dw.com/p/EiFf
На 16 години освои злато во МинхенФотографија: AP

„Еве ја сега повторно малата, потклекнува и се затрчува, сега уште повеќе го забрзува залетот. Следува отскок, прескокнувањето и – успеа!“ – еуфорично објави спортскиот коментатор.

Едвај 16-годишната ученичка од Веселинг пред нос им ги собра наградите на светските фаворити со својата сензационална победа. Во 1972 никој не сметаше на Улрике Мејфарт како потенцијален победник, и покрај нејзиниот вртоглав развој. „Кога имав 14 години го поставив германскиот училишен рекорд, 1.68, на 15 години бев германски вицешампион со 1.80, а на 16 години олимписки шампион со 1.92. Се` се развиваше релативно брзо“ – се присетува Улрике Мејфарт.

Нејзиниот напредок делумно се должи и на една нова техника, што четири години претходно прв ја прикажа олимпискиот победник Дик Фосбури. Сепак, требаше да помине време додека самата Улрике си го пронајде патот преку летвичката.

„Уште како мала, или подобро кажано, како млада, зошто уште тогаш бев прилично висока за моја возраст, моите родители ме насочуваа кон спортот. Така одоколу стигнав до атлетиката, преку една моја пријателка. Од 12 години наваму тренирав се` можно, од куглање, штафета, трка со пречки, спринт...“ – ја раскажува Улрике својата приказна.

Второто злато по цели 12 години

За определбата за скок во височина можат да се каат само нејзините конкуренти. Но, за жал, по олимписката победа работите првпат тргнаа наопаку за Улрике. Еве што раскажува Норберт Штајн, доцент по атлетика и тренер од германското фискултурно училиште во Келн.

Ulrike Meyfarth gewinnt Gold in Los Angeles
Златен медал во Лос АнџелесФотографија: AP

„Во периодот што следеше, Улрике мораше многу да работи на себеси. Почна да вежба со друг тренер, затоа што претходниот почина. Многу работи промени, во залетот, во брзината и на крај успеа да го повтори успехот и да го доведе на повисоко ниво.“

Десет сантиметри и 12 долги години мораа да поминат меѓу првиот и вториот олимписки триумф. Првите успеси дојдоа дури по пропуштените бојкотирани игри во Москва – во 1982 година, како европски шампион, го помести светскиот рекорд на 2 метри и 2 сантиметри.

„На 28 години спортистот веќе се смета за зрел. Истрениран и искусен, дури и кога се работи за неуспех. Човек мора да доживее и неуспех, за да стане зрела личност. Јас повторно бев таму и кругот се заокружи со втората олимписка победа“ – вели Мејфарт.

Природна, симпатична и отворена

За крај на кариерата во 1984 година, по четврти пат беше прогласена за спортистка на годината во Германија. Мајката на две деца, која по стапувањето во брак се презива Насе-Мејфарт, му остана доследна на својот занает: во Бајер Леверкузен работи со млади спортисти и делува како вистински амбасадор на спортот, смета експертот Норберт Штајн.

„Се појавува во спортските кругови, присутна е на сите случувања во атлетиката. И тоа не само на гала-приемите, туку секогаш кога и` се укажува прилика. Работи на промовирање на спортската уметност и на нејзино насочување во вистинска насока. Нема начин да и` се заблагодариме за тоа, и понатаму остана многу природна, симпатична и отворена“ – вели Штајн.

А Мејфарт, пак, вака анализира зошто напредекот во атлетиката во Германија стагнира. „Понекогаш имам впечаток дека нашите спортисти воопшто не знаат да ги ценат можностите што ги имаат тука. Овде сме навикнати да се занимаваме и со нешто друго, покрај спортот. Не мора тој да ни биде извор на средства, како што е случајот во некои други земји, кои сега се понапред од нас. Но доколку многу не` претекнат, тогаш очигледно ќе ни стане многу поважно да бидеме успешни и на спортски план“ – вели Улрике Мејфарт.