1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Умберто Еко наполни 75

5 јануари 2007

Неговото име секогаш се поврзува со големиот успех на романот „Името на ружата„ со кој професорот по семиотика Умберто Еко го освои светот. Но, тој сепак важи како универзалец: филозоф, новинар, романсиер, есеист и политички коментатор. Денеска полни 75 години.

https://p.dw.com/p/AeT3
Големиот мајстор на зборот Умберто Еко наполни 75 години
Големиот мајстор на зборот Умберто Еко наполни 75 годиниФотографија: AP

Голем италијански писател и мислител: Умберто Еко, човекот на книгата, вљубеник во средниот век. Сопствената библиотека ја смести во еден поранешен хотел во Милано, директно спроти поранешниот дворец на благородничкото семејство Сфорца, па така тоа време постојано го има пред очи. Како колумнист ги посматра италијанското општество и политиката. А, како Дон Кихот, Еко се бори за книгите и читањето во земја со многу телевизија и малку читатели. Со романот „Името на ружата„ не ја доби само највисоката италијанска награда за литература „Премио Стрега„. И филмот со Шон Конери во главната улога стана светски хит. Неговите романи „Клатното на Фуко„, „Островот на претходниот ден„ или „Баудолино„ се во сенката на „Името на ружата„, но се подеднакво вредни за читање. Одбраната на зборот му е подеднакво вредна како и заштитата на новинарот Роберто Савиано кому му се закануваше неаполитинската Камора:

„Овде точно се знае кој се заканува. Се знаат имињата и преземињата. Тоа се оние што се наоѓаат во книгата на Савиано. Сега државата мора да настапи против оние за кои се’ знае се„.

Умберто Еко, роден во Алесандрија во Пиемонт на денешен ден пред 75 години, и на меѓународниот паркет настапува со доза на хумор. На приемот кај италијанскиот претседател на државата по повод престојот на британската кралица Елизабета Втора ,на нејзиното несмасно прашање:„Значи вие сте писател„, Еко одговори:„Ваше височество, некој и тоа мора да го прави„.