1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уметноста не познава граници, ни јазици

29 јули 2009

На сцената на амфитеатарот во Стоби, на 8-от Интернационален фестивал на Античка драма, свој настап имаше Роес-танцовиот театарски ансамбл од Атина со претставата по трагедијата „Електра Перпетратор“ од Еврипид.

https://p.dw.com/p/IzMn
Уметноста поврзуваФотографија: picture-alliance / dpa

Древната сцена на Античкиот амфитеатар во Стоби, синоќа (28.07.2009) беше најуспешната преговарачка маса на која повторно се воспостави комуникацијата меѓу народите на двете соседни земји, Македонија и Грција.

Тоа што со години се обидуваат, а не можат да го направат политичарите, за една вечер заедничко дружење го направија актерите од Роес-танцовиот театарски ансамбл од Атина и бројната публика која дојде во Стоби и уживаше. Ги плени нивната маестрална изведба на страсна глума со совршен танц и музика која ги остави без здив.

Првите впечатоци на кореографката Софија Спирату гласат: „Ми беше големо задоволство да бидам вечерва овде со целата екипа и да ја одиграме нашата претстава. Сите ние сме соседи од Балканот и зборуваме на еден ист јазик. Тука сме неколку дена и впечаток е дека сите луѓе тука, од организациониот одбор, па дури и техничарите, се љубезни.“

На прашањето дали претставата може да придонесе за подобри односи меѓу двете земји Македонија и Грција, таа одговара: „Она што го чувствувам тоа и го правам. Значи, чувствував дека овде треба да дојдеме и да настапиме со нашата претстава. Во уметноста нема ниту јазици, ни граници.“

Македонската министерка за култура Елизабета Канческа Милевска гостувањето во Македонија и поддршката што за таа цел ја даде грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани го оцени како добар сигнал. Спирату коментира: „Да, мислам дека е така. Овојпат ние дојдовме овде со наша претстава, следниот пат вие ќе дојдете во Грција и ќе имате претстава. Тоа е јазикот на народите, ние сме такви - блиски луѓе од Балканот.“

Топол прием и овации на публиката

Главната улога на Електра во претставата маестрално ја одигра Еви Чацаки. Еве ги нејзините впечатоци: „Навистина сум среќна бидејќи имавме топла реакција од публиката. Јас тоа го почувствував како сите заедно да се прегрнуваме себеси. Беше навистина, навистина срдечна и топла реакција на публиката и многу сум среќна заради тоа. Мислам дека овде луѓето се добри домаќини и ни‘ помогнаа во сите подготовки околу претставата.“

Podcast Artikel - Mosaik der Kultur

Данило Зека го играше Орест: „Навистина беше топол прием. Ова е древен природен театар не само сцената, туку целиот амфитеатар. Сето тоа не‘ поттикна како актери, максимално да ги изразиме нашите емоции. Навистина беше топло и убаво чувство да се биде овде. Мислам дека публиката ја разбра целата приказна. Јас сум првпат во Македонија, но не и последен, бидејќи ми се допадна земјата и народот. Ги почувствував како пријатели и затоа повторно ќе дојдам.“

А, публиката во Стоби нивната изведба ја награди со долг аплауз и овации. Еден од посетителите вели: „Претставата беше фантастична, досега во Стоби никогаш видено. Воодушевен сум и навистина не треба превод. Воодушевен сум.“

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска