1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уметноста - омилена алтернативна инвестиција во криза

Милтиадес Арсенопулос/ Симе Недевски5 август 2012

Каде се сигурни моите пари, секојдневно се прашуваат многу Европејци во ера на должничка криза и самрак од рецесијата. Одговорот е: вложување во уметноста - сметаат некои инвеститори.

https://p.dw.com/p/15YaU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Скулптурата „Мачка“ од Ернест Лудвиг Кирхнер, еден од најпопуларните уметници во моментов, е дадена на аукција. „Мачката“ на крајот на наддавањето е продадена за 165.000 евра.

Аукционерот Роберт Кетерер е под притисок. Тој сака на аукција да даде и бројни други уметнички дела и да оствари приход од вкупно 12 милиони евра. Тоа може да му успее зашто пазарот на уметност и натаму цути.

„Низ сите кризи последниве години и децении, а јас го работам ова веќе 24 години, уметноста и токму ретките, интересни дела на уметниците, се се' поскапи. Нема назад. Тоа во моментов е многу силен тренд, кој сите го гледаат. И зошто да не се вложува таму каде што има смисол?", вели аукционерот Роберт Кетерер.

Нема опасност од паѓање на цените

Интернационални супер-ѕвезди како Пикасо се исто така застапени на аукцијата во Минхен, впрочем како и на сите други големи аукции. Се лицитира и од странство, што дополнително ги крева цените.

Со оглед дека цените веќе подолго време растат, некои сметаат дека постои опасност набргу и да паднат. Но Волфганг Крам, колекционер на уметнички дела истакнува: „Не, не верувам во тоа. Има одредени дела кај кои тоа може да се случи , но кај уметноста има тенденција да биде релативно безбедна и разумна инвестиција."

Меѓутоа никој на аукцијата не ги инвестира сите свои пари во уметност, зашто тоа сепак би било премногу ризично.

Делата од времето пред и по Првата Светска Војна, како ова од Курт Вајнхолд, претставник на т.н школа „Нова Објективност", во моментов се посебно барани.

Symbolbild Auktionshaus Sotheby’s
Фотографија: picture-alliance/dpa

Безбедна инвестиција

Сопственикот на аукциската куќа „Кетерер" се жели меѓутоа дека занимливи уметнички дела има се’ помалку: „Најголеми потешкотии имаме да дојдеме до дела, до вистински интересни објекти, кои во моментов се барани на пазарот. Главниот проблем е дека дела има се' помалку. Тоа не е случај само кај нас, туку и на другите интернационални аукции".

Но зошто е тоа така? „Затоа што многу доставувачи, сопственици, не знаат што да прават со парите. Тоа е главниот проблем, навистина страшно", дообјаснува Роберт Кетерер. Највисока цена на аукцијата достигна делото на Серж Полјаков - 525 илјади евра. Аукцијата на крајот донесе вкупно 13 милиони евра - нов рекорд!

Во ова несигурно време за многумина скапите уметнички дела веќе подолг период се омилена алтернативна и пред се’ безбедна инвестиција. И трендот продолжува...