1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Уметноста ќе најде начин“

4 септември 2009

Во Скопје започна (04.09.2009) 14-то Биенале на млади уметници од Европа и од Медитеранот, насловено како „Седум порти“. На него во наредните десет дена ќе учествуваат над 700 уметници.

https://p.dw.com/p/JQph
Скопје е домаќин на младите уметници од ЕвропаФотографија: MIA

Група млади Палестинци со зурли и тапани на плоштадот Македонија во Скопје го отворија биеналето на млади уметници од Европа и од Медитеранот. Македонската престолнина во наредните 10 дена ќе биде еден од главните европски културни центри. Градот е домаќин на повеќе од 700 млади уметници од 48 земји. Синоќа скопскиот плоштад изгледаше светски. Уметниците како да сакаа уште на стартот да го оправдааат мотото на фестивалот „Уметноста ќе најде начин“. Танцуваа сплотени на музиката, без оглед на нациналната верска и расна припадност. Една млада Англичанка, која во Скопје ќе се претстави со нејзината танцувачка група за Дојче веле изјави:

„Мислам дека ова е одлична шанса за уметниците да ја претстават својата работа. Одлична шанса да се запознаат со творештвото на колегите. Можност да се развива креативноста.“

Уметниците се среќаваат во Македонија за да разменат и да промовираат нови идеи, да се сплотат преку уметноста, но и да покажат колку културата е посебна единствена. Еден млад рапер од Либан вели:

„Интересно е бидејќи се мешаат културите, се среќаваме, тука го делиме нашето искуство.“

На една млада режисерка од Холандија и‘ се допадна Скопје уште по првиот впечаток. Вели, убаво е покрај Вардар, во градот со многу лица.

Vierzehnte Skopje Bienale
Голема плејада музичариФотографија: MIA

Културата и уметноста се вистински амбасадори

Привлечен од богатата културно уметничка понуда на биеналето, во Скопје допатува еврокомесарот за култура Јан Фигел. На отворањето рече дека културата и уметноста се вистински амбасадори на една земја.

“Луѓето кои ги среќавав по улиците на Скопје и амотсферата создадана пред почетокот на Биеналето ја потврдија мојата идеја дека ништо како уметноста и културата не може да промовира мирољубив и конструктивен дијалог“.

Македонија покажува дека е дел од Европа

Со оваа манифестација Македонија покажува дека е подготвена да стане рамноправен дел на европските културни вредности, смета министерката за култура Елизабета Канчева Милевска.

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

“Понекогаш еден потег на уметникот е доволен да раздвои две епохи, но секогаш уметникот има за цел да ги обедини луѓето“.

Биеналето ќе овозможи презентација на уметноста на повеќе од 300 продукции во областа на визуелните уметности, 50 во применетите уметности, гостуваат повеќе од 30 музички групи, ќе бидат прикажани 30 театарски и танцови претстави, ќе се одржуваат литературни читања и гастрономски вечери.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска