1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНЕСКО во парична нужда

Аја Бах / Елизабета Милошевска Фиданоска31 октомври 2012

Пред една година САД го запреа финансирањето на Организацијата за култура на ОН - УНЕСКО. Оттогаш УНЕСКО ги крати своите програми. Погодени се и програмите за образование и демократија.

https://p.dw.com/p/16ZvT
Фотографија: APTN

Кога САД минатиот октомври ги запреа своите пари за УНЕСКО  тоа беше шок. Касата беше наеднаш попразна за цели 22 проценти, или повеќе од една петтина од буџетот на УНЕСКО. Стануваше збор за 72 милиони американски долари кои требаше да се влеат во касата на крајот на годината. Огромна „дупка“, иако Саудиска Арабија и Норвешка уплатија по 20 милиони во фонд за итни потреби. Во меѓувреме, износот кој недостасува во касата на УНЕСКО изнесува околу 144 милиони долари.

Генералниот секретар на УНЕСКО Ирина Бокова за „криза“ зборуваше уште пред една година, кога УНЕСКО ја призна Палестина за полноправен член. Американците уште претходно се заканија дека ќе ги замрзнат своите средства за организацијата. Но, палестинското барање за членство беше одoбрено со големо мнозинство гласови на 31 октомври 2011 година. Германија тогаш, исто како и Американците, гласаше против, имајќи обѕири кон Израел, кој исто така веднаш ги замрзна своите средства за УНЕСКО.

За САД контрапродуктивно?

УНЕСКО се реши на курс на штедење, кој требаше во најголем дел да се потпира врз штедење во управата, а најмалку што е можно врз штедење на средства за програмите. Сепак, како што денес информира Ирина Бокова, ударот е голем. Ударот е дури и контрапродуктивен за САД.

Frankreich Unesco Abstimmung Palästinenser aufgenommen
Палестинското барање за членство беше одoбрено со големо мнозинство гласови на 31 октомври 2011 годинаФотографија: dapd

Организацијата, што често се превидува, воопшто не е надлежна само за доделување на статус Светско културно наследство, иако е тоа можеби попопуларна активност на УНЕСКО од останатите негови активности. Кратенката УНЕСКО значи „Организација на Обединетите Нации за образование, наука и култура“. УНЕСКО за своја цел има зацртано и „почитување на правото и праведноста, зајакнување на човековите права и основни слободи“.

Притоа, најважен клуч е образованието. Не случајно УНЕСКО е водечка организација во светската декада на ОН за описменување, која има за цел да го намали на половина бројт на аналфабети меѓу возрасните во светот. Но, УНЕСКО работи и на изградба на цивилно општество, со тоа што, на пример, го поттикнува образованието на новинарите во кризните региони и во земјите кои се во пресврт. УНЕСКО има канцеларија во Ирак за во таа земја да пружа поддршка на „образовнието, науката и културата“, како и на „комуникацијата и информирањето“. Оваа дејност, како што најави шефицата на УНЕСКО, непосредно по замрзнувањето на американските средства за организацијата, е во опасност, исто како и програмата за описменување во проектите во Авганистан, кои досега и‘ беа важни и на американската влада.

Irina Bokova UNESCO Generaldirektorin
Ирина Бокова: Не можам да издвојам ниту една програма што не е погоденаФотографија: picture-alliance/ dpa

Американскиот амбасадор во УНЕСКО Дејвид Т. Килион и администрацијата на Обама, во текот на изминатите месеци дури почнаа обиди повторно да се вратат во кругот на плаќачите меѓу членките на УНЕСКО, но непопуларната намера беше брзо ставена под мраз.

Откако се запрени парите за УНЕСКО, дел од проектите се елиминирани во фаза на планирање, други се завршени или замрзнати. „Не можам да издвојам ниту една програма што не е погодена“, се пожали Ирина Бокова неодамна за „Њујорк Тајмс“ и уште еднаш ги искритикува САД - нивната можност „да допрат до муслиманскиот свет и да зборуваат за изградба на демократија во арапските држави“ стана помала со запирањето на парите. „Жално е што САД не се со нас кога се бориме за вредности, кои мислам се важни за американскиот народ“, рече Бокова.

Станува ли збор за културнополитички автогол? УНЕСКО и во периодот од 1984 до 2003 година мораше да излегува на крај без американски пари. Тогаш, во времето на Роналд Реган, САД истапија од организацијата. Но, во моментов, се чини дека силите во УНЕСКО се прераспоредени. Земји кои застанаа на страна на организацијата во последниот период, покрај Саудиска Арабија и Норвешка, се и Кина, Малезија, Јужна Кореја, Индинезија, Катар и Алжир. Средства донираа дури и Габун и Чад. Западот, кој досега до диктираше тонот во културнополитичката сфера, губи на значење. Сферите на моќта во УНЕСКО се во движење и прераспоредување.