1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНЕСКО: Неписменоста е глобален проблем

Свења Инг / Сабине Дамашке / Александар Методијев29 јануари 2014

Актуелниот извештај од УНЕСКО за образованието во светот укажува на поразителни бројки. Сите деца треба да имаат пристап до бесплатно образование. Тоа е една од најзначајните цели на програмата „Образование за сите“.

https://p.dw.com/p/1Ayy4
Фотографија: picture-alliance/Maximilian Norz

Како што се наближува 2015-та година, така станува се’ поизвесно дека тешко можат да се остварат образовните цели кои си ги постави меѓународната заедница. Бројките во извештајот на УНЕСКО, кој беше претставен денеска (29.01.) во Адис Абеба, се поразителни – 57 милиони деца во светот не одат во училиште. Неписмени се 774 милиони возрасни лица. Најчесто тоа се жени и млади девојки од рурални краеви во неразвиените земји.

„Сметаме дека и по 2015-та година ќе мораме да продолжиме да работиме на целите кои си ги поставивме“, вели за Дојче веле Полин Роуз, која од 2011-та година е надлежна во УНЕСКО за извештајот за образованието во светот.

Bildungsexpertin Pauline Rose
Полин РоузФотографија: UNESCO/Rick Bajornas

Декларациите со целите, кои беа донесени во 2000-та година на Светскиот форум за образование во Дакар, звучеа многу оптимистички. Тогаш 164 земји се обврзаа дека ќе реализираат шест големи образовни цели, како охрабрување на децата на рана возраст и овозможување што повеќе деца да посетуваат основно училиште, намалување на стапката на неписмени и изедначување на образовните можности за мажите и жените.

Успеси во предучилишно и основно образование

За да се има преглед во исполнетите цели зададени пред 14 години, УНЕСКО од независен тим бара редовно во секоја поединечна земја да испита како стојат работите со тие шест главни цели.

„Постои напредок, посебно во областа на пристапот до образованието“, укажува за Дојче веле Барбара Малина од германската комисија на УНЕСКО за образование. Таа вели дека од 2000. година посебно е засилено подрачјето на претшколското образование. Значителни придвижувања се забележани во многу земји и во основното образование.

Öffentlicher Schreiber in Rabat / Marokko
Неписмените користат јавен писарФотографија: picture-alliance / akg-images / Paul Almasy

„Бројот на деца во светот кои не одат во основно училиште, во однос на 2000-та година, се преполови“, додава Малина.

Најмногу неписмени - жени

Меѓутоа, најголем дел од овие напредоци се забележани пред се’ во првите години по Светскиот форум за образование во Дакар. Оттогаш стагнира развојот во многу важни подрачја.

„774 милиони луѓе во светот се неписмени, а две третини од нив се жени“, забележува Роуз. Тој број од 1990-та година се смали за 12 проценти, а од 2000-та само за еден процент – значи, токму од годината кога е започната програмата ’Образование за сите’“. Роуз констатира дека резултатите во тоа подрачје се најлоши.

Во извештајот на УНЕСКО, како причина зошто најголем дел од земјите се далеку од остварување на поставените образовни цели, се наведува недостатокот на наставници и квалитетот на наставата.

„250 милиони деца ширум светот не ги совладале основите на читањето, пишувањето и сметањето, иако половина од нив четири години посетувале училиште“, укажува Барбара Малина. Овој алармантен заклучок во извештајот посебно важи за Африка.

Zentralafrikanische Republik Schüler
Пораст на бројот на деца кои не одат во основно училиштеФотографија: imago/CHROMORANGE

За сите деца на светот да добијат основно образование до 2015-та година би морале да се вработат уште 5,1 милион наставници.

Образовни проблеми има и во индустриските земји

Извештајот на УНЕСКО покажува и дека во бројни региони во светот учителите би морале да имаат подобра наобразба, полесен пристап до квалитетните наставни материјали и да бидат соодветно платени. Во руралните краеви и неразвиените земји е тешко да се обезбеди наставен кадар, па затоа би требало да се размислува за мотивирање на учителите со повисоки хонорари или бесплатно сместување.

„Учителите би морале да бидат школувани и за настава со групи на ученици кои имаат одредени хендикепи, а често тоа не е случај“, укажува Барбара Малина од германската комисија на УНЕСКО.

Училиштата во Германија се соочени со предизвикот за интеграција на учениците со хендикеп во вообичаената настава. Освен тоа, наставниците мораат да бидат подготвени за работа со доселеници.