1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Универзитет за сајбер-агенти

Г. Елферс/ С.Недевски22 јануари 2014

Доколку Џејмс Бонд повторно би бил студент, тогаш со сигурност би посетувал настава на Универзитетот Бакингем. Приватниот универзитет нуди мастер студии за безбедност и тајни служби.

https://p.dw.com/p/1Ason
Фотографија: DW

Лулка на електронското шпионирање-Блечли Парк е потсетник на успесите на британските компјутерски пионери во Втората светска војна. Припадниците на тајните служби тука со примитивни компјутери го пробија кодот на Енигма, прочуениот апарат кој германската војска го користела за шифрирање на пораки.

Блечли Парк е некој вид предвесник на модерните прислушувачки служби како што се НСА или британскиот Џи Си Ејч Кју- ГЦХК.
Марика Јозефидес и Сем Гарсиа студираат наука за безбедност и тајни служби. Нив ги фасцинираат вакви стари апарати.

„Верувам дека ова ја реши војната - сингеријата на воениот хардвер, како што се оружјето и тенковите, и на разузнувањето.“, вели Марика. Сем се надоврзува.„Тие машини биле навистина добри. Ни помогнале нам, на сојузниците, да победиме, да победи демократијата. Денес исто така имаме тајни и се надеваме дека со нивна помош повторно ќе победиме.“
Тие двајца веќе сега се победници. Имено, владите и индустриските компании моментално се грабаат за добро образовани безбедносни стручњаци. Околу половина од студентите на приватниот Бакингем универзитет се од странство.

Symbolbild Wirtschaftsspionage Spionage Kriminalität Cyberangriffe
Фотографија: Fotolia

Но, за некои не се во прв план добри приходи, туку сакаат да ги штитат нивните млади демократии.

„Запознавањето со тероризмот, антитероризмот, разузнувачките активности, ми е многу важно бидејќи во Тунис по револуцијата имаме проблеми со тероризмот и тоа ќе ми помогне да сфатам што се случува во мојата земја.“ , вели една студентка од Тунис.
Важна улога во наставата има и надзорот на интернет. По случајот „Сноуден' професорот Ентони Глис сѐ почесто мора да одговара на критички прашања бидејќи заштитата на податоци и правото на приватност тешко можат да се усогласат со се‘опфатниот електронски надзор.

Großbritannien Government Communications Headquarters Hauptsitz
Седиштето на британската разузнувачка служба Џи Си Ејч Кју- ГЦХКФотографија: Reuters

„Сноуден имаше големо влијание врз размислувањето на нашите студенти. Кај и онака скептичните, Сноуден директно ја зголеми нивната скепса. Од друга страна, оние студенти кои навистина сакаат да разберат за што станува збор и оние кои веќе знаат бидејќи се занимаваат со тоа, се скептични кон Сноуден, а не кон разузнувачките служби.“, вели Глис.
Иако студентите ги учат сите шпионски трикови, ова речиси нема никаво влијание на начинот на кој Марика Јосефидес користи интернет. Најнормално пишува мејлови и има профил на Фејсбук.

„Треба разумно да се однесуваме на интернет, без обѕир на тоа што работат тајните служби, ако го прават тоа. Ова едноставно е прашање на разумот. Не ги давај никому податоците за својот компјутер и не купувај ништо на сомнителни страници. Сѐ треба да биде чисто. Тоа е мојот пристап. Јас на интернет не би поставила ништо, што не би им го кажала и на своите пријатели.“, вели Марика.
На надлежните за заштита на податоци веројатно им се крева косата на главата од вакви аргументи, со оглед на сознанијата за ревноста на разузнувачките агенции, кои од интернет компании црпат и класифицираат расфрлани податоци за корисниците. Студентите од Бакингем, пак, сметаат дека во медиумите се претерува и оти сето тоа воопшто не ги засегнува обичните луѓе.

Großbritannien Government Communications Headquarters Netzwerk
База за прислушкување на разузнувачка служба Џи Си Ејч Кју- ГЦХКФотографија: Christopher Furlong/Getty Images

„Ако не си сторил ништо лошо, нема зошто да се грижиш. Нема ни да обрнат внимание на тебе. Ако сакаат, секако, можат, но нема потреба за тоа. Немаш причина за страв дури и ако те проверат бидејќи ништо не си сторил. Ако не си направил ништо илегално, нема ни да те проверуваат.“, истакнува студентот Сем Гарсиа.
Современите можности за собирање податоци се огромни. А дел од „интернет генерацијата“ очигледно е подготвен едноставно да прифати одредена мера на државен надзор.