1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уништен објект кај резиденцијата на Гадафи

21 март 2011

Втора вечер од воздушните напади на Либија и сојузничките сили јавуваат за први успеси. Поголем дел од либиската противвоздушна одбрана е веќе уништен.

https://p.dw.com/p/10d8a
Американскиот адмирал Бил Гортни објаснува каде се напаѓаФотографија: AP

Освен тоа, напредувањето на силите лојални на либискиот властодржец Гадафи кон бунтовничкото упориште Бенгази е запрен.

Во главниот град на Либија, во текот на целата ноќ, можеа да се слушнат детонации и пукање од системите за противвоздушна одбрана.

Ако им се верува на сојузничките сили, тогаш тие се меѓу последните делови од противвоздушната одбрана што му преостанале на режимот на Гадафи. Тие очигледно не можеа да спречат да биде со проектил погодена една владина зграда во близина на шаторот, во кој пред конфликтот Гадафи ги пречекуваше странските гости. Каде се наоѓал Гадафи за време на нападот не се знае. Либиската влада соопшти дека цивили се обиделе да ја заштитат владината зграда од воздушните напади:

Libyen Gaddafi Fernsehinterview 17.03.2011
Каде се наоѓал Гадафи за време за нападот?Фотографија: AP/RTP TV

„Цивили, семејства и деца дојдоа од секаде и стоеја деноноќно за да ја заштитат локацијата и ракетата експлодираше на 50 до 100 метри од нив“, изјави портпаролот на либиската влада Ибрахим Муса.

Понуда за примирје на која не и‘ се верува

Во текот на целиот вчерашен ден сојузничките сили изведуваа напади врз позициите на силите лојални на Гадафи околу бунтовничкото упориште Бенгази. Се смета дека притоа се успеало да биде разбиена опсадата на градот. Пентагон, во меѓувреме, соопшти дека нападите во текот на викендот постигнале успех во разбивањето и изолирањето на силите лојални на Гадафи :

„Сметаме дека овие напади беа многу ефикасни и значително ја намалија способноста на режимот во Либија за одбрана од воздушни напади и за лансирање на ракетите земја-воздух со голем дострел“, изјави портпаролот на Пентагон, вицеадмиралот Вилијам Гортни.

Бунтовниците ги прославуваа нападите на сојузничките сили. Владата на Гадафи, во меѓувреме, најави примирје. Сојузничките сили, меѓутоа, немаат верба во ваквата понуда и продолжуваат со нападите.

Автор: Бастијан Хартих / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема