1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уништувањето на сириското хемиско оружје се пролонгира

ЖА/дв/дпа/ртре29 декември 2013

Процесот на уништувањето на сириското хемиско оружје, велат во ОН, се одолговлекува. Етапниот рoк кој му беше поставен на Дамаск за 31. јануари, веројатно нема да може да биде запазен.

https://p.dw.com/p/1Ai7o
Фотографија: Reuters

ОН во Њујорк побараа од владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад да ги зголеми напорите за исполнување на преземените обврски.

Сирија, според резолуција усвоена во Советот за безбедност на ОН во септември, треба до средината на 2014. година да го уништи својот целокупен арсенал со хемиско оружје. Најопасните боени отрови, како сарин, иперит и нервниот гас ФХ требаше до крајот на оваа година да бидат изнесени од земјата и уништени најдоцна до април.

Проблем е транспортот

Но, договорениот термин очигледно не може да биде запазен, како што соопшти Русија. Подготовките за транспорт на опасните материи во пристаништето Латакиа не се завршени, изјави раководителот на Одделението за вооружување во руското министерство за надворешни работи, Михаил Уљанов за новинската агенција РИА. Ниту ОН, ниту Русија засега не се изјаснија околу евентуални можни последици на ова пролонгирање врз натамошниот процес на уништувањето на оружјето.

Уништување на оружјето на отворено море

Планот предложен од Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОПЦВ, предвидува сириските залихи од отровни материи да бидат пренесени на два бродски транспортери во Латакиа, кои со придружба на норвешки и дански воени бродови потоа ќе ги однесат во италијанско пристаниште. Таму боевите отрови би требало да бидат претоварени на специјалниот американски брод „МВ Кејп Реј“ на американската воена морнарица. Потоа хемиските материи на отворено море, во две постројки, треба со помош на вода да бидат разложени на своите составни делови. Остатокот, отровниот отпад, слично како и индустрискиот отпад, ќе биде рециклиран.

Syrien Aleppo Markt Bombardierung Beschuss Luftangriff
Во Алепо се водат жестоки борбиФотографија: Reuters

Меѓународна соработка

За транспортот на вкупно околу илјада тони хемиско оружје и хемикалии, САД треба да стават на располагање околу 3 илјади контејнери. Русија пак, според извори од ОПЦВ, дава на располагање оклопни возила за транспорт, како и воени бродови заради обезбедување на операцијата во Латакија и во сириските поморски води. Кина учествува со камери за надгледување и медициснки персонал, Финска со специјалисти за деконтаминација, а Јапонија со финансиска поддршка од околу десет милиони евра. Целиот процес на уништување на сириското хемиско оружје треба да заврши до 30. јуни. Режимот на Асад летоска се согласи на уништување на својот арсенал со хемиско оружје, соочен со заканите од САД со воена интервенција.

Во меѓувреме војната во Сирија продолжува. Најмалку 25 лица загинаа вчера(28.12) во воздушен напад врз пазар и болница во сирискиот град Алепо во северниот дел на земјата, соопштија опозициски активисти.

Меѓу жртвите цивили има и две деца и една жена, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права. Меѓу жртвите има и еден медиумски активист, соопшти организацијата со седиште во Велика Британија.