1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Употребеното масло не е за фрлање

21 јули 2010

Овластени фирми во Охрид собираат голем дел од маслото за јадење од угостителството и опасното индустриско масло и го третираат по еколошки стандарди. Локалната власт е лидер во Македонија и пример за останатите.

https://p.dw.com/p/OQU3
Од масло за јадење до горивоФотографија: dpa

Секторот за урбанизам и животна средина при Општина Охрид долгорочно работи на заштитата на животната средина и подигањето на јавната свест. Од пред една година се реализира Проект за собирање на отпадни масла. Првиот чекор беше и најтежок, велат во секторот. Требаше да се убедат хотелите, рестораните и сендвичарниците, но и индустриските капацитети, употребеното масло да не завршува непреработено и со него да не се загадува животната околина. Инспекторите излегоа и со предупредување дека строгите еколошки закони го бараат тоа, вели Јасминка Т. Момироска:

„Како резултат на заемната соработка и склучените договори меѓу фирмата „Суниленс“ и охридските угостители, заклучно со јуни годинава, се собрани 8 тони искористено масло за јадење кое по одреден третман се користи како суровина за производство на биогориво и се извезува во Австрија.“

Отпадното масло се извезува во Австрија

Андреј Ѓокиќ од скопската фирма „Суниленс“ која е овластена да го собира овој вид отпад на територијата на цела Македонија, потврдува дека Општина Охрид е лидер и пример за останатите во оваа област. Ѓокиќ отворено ја наведува штетноста од еднаш употребеното масло за јадење, ако тоа заврши во природата:

Sunilens
СуниленсФотографија: DW

„Почвата е неплодна и потребно е време за да се врати во првобитната состојба. Маслото истурено во вода ја загадува и водата. Ако се искористува повеќепати во исхраната, маслото е штетно.“

Гокиќ признава дека имаат проблеми со нелојалната конкуренција која маслото го препродава и користи за недозволени цели и дека имаат тешкотии при едукацијата на луѓето за потребата и значењето на овој начин да се собира прегореното масло, па дури од него да се заработи. Во Австрија се извезени 125 тони употребено масло, кое на пазарот се враќа во вид на биогориво:

„Партнерите од Австрија се задоволни и тие како нас гледаат иднина во овој бизнис и сакаат соработката да продолжи. Секој производител се бори да стигне до поевтини и подобри суровини“, нагласува Ѓокиќ.

Индустриското масло се смета за опасен отпад

Општина Охрид почна соработка и со фирмата „С- Игор“ од Кичево. Таа е овластена да го собира маслото од индустријата кое се третира како опасен отпад. Досега се третирани околу 5 тони . Просторот допрва ќе го освојуваме, а за да се создадат навики и ред ќе треба да ни‘ помогнат инспекторите, вели сопственикот на „С- Игор“ Илија Срезоски:

Abfall zu Öl
Со третман на маслото за јадење се добива суровина за биогоривоФотографија: AP

„Засега, третираното индустриско масло го преработуваме и се употребува за подмачкување на моторните пили и за тешки земјоделски машини кои немаат големи вртежи. Се надеваме дека за скоро ќе ја развиеме технологијата и да стигнеме до прочистување на базни масла, а со тоа до нов производ.“

Илија смета дека на овој начин, Македонија во прво време ќе може да се ослободи од увоз на индустриски масла, а ќе ја заштити и околината.

Примерот на Охрид за скоро време не би требало да биде осамен случај. Општината продолжува со едукацијата на населението, а нашите искуства можат да ги користат и останатите општини, вели Јасминка Т. Момироска од секторт за урбанизам и заштита на животната средина.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска