1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ураганот го доведе Буш во дефанзива

5 септември 2005

Една недела по дивеењето на ураганот Катрина по јужниот брег на САД, надлежните служби сметаат со повеќе илјади жртви. Спасувачките акции во регионот на Њу Орлеанс продолжуваат и понатаму, но паралелно расте и бранот критики на сметка на владата на Џорџ Буш.

https://p.dw.com/p/AcCq
Припадниците на Националната гарда делат пакети со храна во Њу Орлеанс
Припадниците на Националната гарда делат пакети со храна во Њу ОрлеансФотографија: AP

„Мораме да се грижиме за снабдувањето со прехрамбени производи. Мораме да им обезбедиме на граѓаните привремено сместување, да создадеме услови за одржување настава во училиштата и мораме да го ослободиме Њу Орлеанс од водените маси„ – ги набројува тешките задачи со кои се соочува американската администрација, Министерот за заштита на татковината Мајкл Чертоф.

Во меѓувреме расте опасноста од ширење зарази, бидејќи влагата му погодува на размножувањето како на бактериите, така и на нивните пренесувачи. Како најголема опасност властите ги сметаат колерата, тифусот и западно-нилскиот вирус.

„Има се‘ повеќе комарци и луѓето се во опасност. Епидемиите се шират секогаш кога поголеми маси луѓе мораат подолго време да живеат во вакви несредени услови„ – вели Министерот за здравство Мајкл Левит.

Поради тоа властите наредија тотално евакуирање на Њу Орлеанс, каде во меѓувреме ситуацијата се стабилизира. Повеќе десетици илјади припадници на Националната гарда патролираат низ градот и се грижат за редот и мирот, особено по масовните пљакчосувања од минатите денови.

Во меѓувреме расте бранот критики на сметка на администрацијата на Џорџ Буш. Меѓу најострите критичари е градоначалникот на Њу Орлеанс, Реј Нагин:

„Пристаништето е мртво. Рафинериите веќе не работат. Немаме житарици, нема кафе. Јас очекував многу повеќе од помошта на централната влада.„

Остра критика доаѓа и од редовите на црнечкото население, кое се смета запоставено во мерките на владата во Вашингтон. Поранешната сенаторка Мозели Браун дури директно ја обвини владата на Буш дека го оставила на цедило црнечкото население:

„Тоа беше грев сторен поради неактивност. Во тоа како основа лежи расизам. Значи, никој не сакаше активно да им стори некакво зло на црнците и сиромашните. Туку едноставно, богатата Америка не се интересира за овие луѓе, не се грижи за нив. Резултатот од таквата политика е национална катастрофа, што се претвори во национална трагедија„ – оцени Мозели Браун.

Владата се обидува да излезе од дефанзива со зголемување на помошта и со лични посети на видни политичари. Така, вчера во погодените региони беа министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс и минитерот за одбрана Доналд Рамсфелд, а денеска по втор пат во изминатите неколку дена се очекува и претседателот Џорџ Буш лично!