1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ураганот донесе хаос на американскиот источен брег

ЕМФ/дапд30 октомври 2012

Милиони луѓе се без струја, повеќе од 15.000 летови се откажани, изборната кампања е прекината - ураганот „Сенди“ пустоши на источниот брег на САД.

https://p.dw.com/p/16Zde
Фотографија: Getty Images

Монструозниот ураган „Сенди“ на својот разорен пат во САД однесе 17 животи и предизвика штети тешки милијарди долари. Жртвите се од Њу Џерси, Њујорк, Мериленд, Северна Каролина, Западна Вирџинија, Пенсилванија и Конектикат, а меѓу нив има и три деца. Штетите, како што се проценува, ќе изнесуваат меѓу 10 и 20 милиајрди долари. Со тоа „Сенди“ би станала најскапа природна катастрофа во историјата на САД.

Поради силниот дожд и ветер околу 6 милиони луѓе останаа без струја. Според енергетскиот концерн Консолидејтид Едисон работите на поправка на системот ќе траат околу една недела.

USA Hurricane Sandy
Фотографија: Reuters

Од повеќе атомски централи на истокот на САД стигнаа известувања за проблеми поради невремето. Во една централа е исклучен еден реактор како мерка на претпазливост.

На една недела пред претседателските избори во САД, ураганот „Сенди“ речиси комплетно ја прекина предизборната кампања. Барак Обама ги откажа и за вторник закажаните предизборни активности, додека неговиот предизвикувач Мит Ромни има намера да се појави барем на еден предизборен термин - во сојузната држава Охајо.