1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урнисаната гордост на Битола

13 мај 2010

Ракометниот клуб Пелистер, некогашната гордост на Битола и на македонскиот спорт денес е во зоната на просечност. Ентузијазам за враќање на старите патеки има, но финансиите остануваат главна болка.

https://p.dw.com/p/NKDa
Тренерот на Пелистер, Стевче СтефановскиФотографија: DW

Во 18 годишната традиција на Купот на Македонија Пелистер од Битола со 5 пет трофеи и десет учества во финалните мечеви е едно од доминантните имиња.Успеси остварени главно во 90-те години.Пелистер е највпечатливото македонско ракометно име. Но,од поодамна веќе не е во прв план.

Стевче Стефановски, беше долгогодишен голман на Пелистер. Тој е едно од најистакнатите имиња во клупската историја.Денес е тренер на Пелистер. Тешко му паѓа состојбата во која се наоѓа клубот.

„ Сево ова тешко ми паѓа. Јас сум еден од оние членови од стар ков,задоен сум со идеата дека Пелистер секогаш мора да биде во врвот.Но,реалноста е сурова,а состојбата е таква каква што е“.

Квалитет има , пари не

Стефановски отворено зборува за причините на урнисувањето на клубот.

Mazedonien Handball Kiril Lazarov
Пелистер беше првата значајна станица во кариерата на најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров.Фотографија: Petr Stojanovski

„ Има многу елементи зошто е тоа така.Нема да ја откријам Америка ако кажам дека главната причина се финансиите. Сега, како клуб со постоечката управа се бориме со сите сили некако да го одиграме ова првенство. Во целокупната состојба на клубот за Стефановски најдоброто се ракометарите.

„ Квалитет има.Во клубот играат поранешни и сегашни репрезентативци како што се Зарков, Димитровски, Атанасовски, Тосковски и да не набројувам...Сите тие во минатото беа носители на играта на репрезентацијата. Но,да не заборавиме дека кај сите што ги наведов и годините се присутни, што не е плус за Пелистер.Затоа мора да се инсистира на работа со помлади категории“, вели Стефановски.

Голема болка за верните навивачи

Пелистер во 80-те, 90-тите години беше далеку најдобар македонски клуб, беше во врвот на екс-југословенскиот ракомет, беше финалист во Купот на ЕХФ, полуфиналист во КПК...

Стефановски смета дека нема споредба со условите во кои некогаш Пелистер опстојуваше. Заедничката нишка со времето минато е само една.

„ Во моментов условите за работа се неспоредливи со оние порано. Нашата рак рана се финансиите. Но,мене ме радува ентузијазмот кој не е загубен кај играчите.Исто така и кај управата и сите оние на кои барем малку им е Пелистер при срце, ентузијазмот не спласнува“.

Пелистер беше препознатлив и по своите навивачи. Темпераментни, лојални на клубот. Обично салата Младост беше претесна сите да ги прими. Како тие го доживуваат клупскиот застој.

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
Битолчани посакуваат враќање на старите времиња одбележани од успесите на ПелистерФотографија: Petar Stojanovski

„ Многу болно. Јас како тренер сум во постојан контакт со нив и ова го знам. Ме радува само едно,дека публиката се враќа во салата Младост, ракометниот македонски храм. Неколку години наназад не сме имале полна сала. Во есенскиот дел повеќе пати ја наполнивме. Тоа беше во мечевите против Вардар и Металург, кога постоеше огромен интерес“.

Спасот во талентите

Стевче Стефановски враќањето на Пелистер го гледа во малку добра волја на градот и во правење на добра селекција на млади играчи.

„ Македонија е поднебје со многу таленти. Треба само добра волјаа во градот, да не поттурне, да ни даде елан и мотив да собереме млада екипа. Со добра работа, сигурен сум дека резултатите ќе дојдат“.

Пелистер,некогашната гордост на Битола и на македонскиот спорт денеска е во зоната на просечност. Заслужува, што е можно поскоро да излезе од неа!

Автор: Златко Калински

Редактор: Симе Недевски