1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешен настап на германските клубови

Костадин Делимитов29 ноември 2007

Шалке и Вердер Бремен остануваат во игра за место во осминафиналето во лигата на шампионите. Вердер му го нанесе првиот пораз на Реал Мадрид кого дома го совлада со 3:2. Шалке освои вреден бод во Валенсија.

https://p.dw.com/p/CURx
Тим Боровски во дуелФотографија: AP

Одличниот настап на Вердер против кралскиот клуб и добрата тактика на Шалке 04 на гостувањето во Валенсија им дадоа надеж на германските љубители на фудбалот дека и догодина ќе гледаат барем еден свој претставник во најелитното фудбалско натпреварување во Европа. Шалке одигра само 0:0 и не ја искористи шансата за повеќе која ја доби по исклучувањето на Албелда во 32 минута.

Двата тима, кои во моментов се на третата позиција во групите Б и Ц ќе мораат во последните дуели да се изборат за пласман единствено со победа и тоа против директните конкуренти.

Шалке се чини има полесна задача, со оглед дека дома го пречекува тимот на Розенборг кој синоќа на домашен терен беше прегазен од Челзи со 4:0. Вердер ќе има тешка задача на гостувањето во Атина против Олимпијакос.

Грчкиот тим направи голем чекор со синоќешниот триумф во Рим против Лацио од 2:1 кој му обезеди два бода пред Вердер во групата во која го дели првото место со Реал Мадрид. Олимпијакос славеше иако римјаните поведоа со голот на македонскиот интернационалец Горан Пандев.

Актуелниот европски шампион Милан со нерешените 1:1 на гостувањето против Бенфика го задржа првото место во групата Д и обезбеди пласман во осминафиналето. Вториот патник од оваа група во натамошните натпревари веројатно ќе биде Селтик кој вчера го совлада Шахтјор со 2:1.

Најинтересно ќе биде во групата А, каде се е отворено. Пред последното коло Порто е лидер на табелата со 8 бодови, пред Ливерпул и Олимпик Марсеј со 7 и и Бешикташ со 6 бодови.