1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешна замисла или неисполнето ветување?

Улрике Маст-Киршнинг 6 декември 2008

На 10 декември 1948 година земјите-членки на Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човекови права. Оваа година се навршуваат 60 години од нејзиното постоење.

https://p.dw.com/p/GAZ2
Историска одлука во Париз, Генерално собрание на ОНФотографија: PA/dpa

Декларацијата беше одговор на кошмарот, на искуствата од големите неправди во тоталитарните држави на 20-от век. Тоа беше одговор на Втората светска војна и на варварското владеење на германските националсоцијалисти, на геноцидот врз Евреите во Европа. Оваа година се навршуваат 60 години од нејзиното постоење. Дали таа е причина за прослава, или пак со оглед на случувањата во светот сепак само неисполнето ветување?

Eleanor Roosevelt
Еленор РузвелтФотографија: AP

Тоа беше пресвртница во историјата на човештвото, нешто сосема ново, кога во 1948 година Еленор Рузвелт во генералното собрание на ОН во Париз ја прочита „Универзалната декларација за човековите права“. Државите за првпат се договорија за универзален вредносен систем, кој ќе важи за сите луѓе и сите држави. Еленор Рузвелт тоа вака го објави.

„Член 1... Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по своето достоинство и своите права. Тие се обдарени со разум и совест и еден кон друг треба да се однесуваат во духот на братство".

Темел за основните права

Генералното собрание на ОН во 30 членови ги прокламира класичните права на слобода, на економските, социјалните и културните права. Тие на почетокот не беа законски обврзувачки, а денес се претежно израз на меѓународното обичајно право. Но, дали тие навистина се спроведуваат во пракса? Хајнер Билефелт, раководителот на германскиот Институт за човекови права, еден од многуте национални институти за човекови права кои се појавија во меѓувреме, прави разлика меѓу очекувањата и реалноста. Тој вели дека се’ до денес се кршат човековите права.

Heiner Bielefeldt
Хајнер Билефелт, раководителот на германскиот Институт за човекови права

„Се’ уште се случува кршење на човековите права. Светот и човештвото не се подобриле, но значително се подобрила можноста за политичко справување со овој проблем..." - истакнува тој.

Денес тоа го овозможуваат бројните договори за човековите права. Секако дека дел од успехот на Универзалната декларација е востановувањето на институциите и нормите за човекови права во системот на ОН. Создадени се два големи основни столба, Пактот за граѓански и политички права и Пактот за економски, социјални и културни права. Покрај тоа направени се и бројни спогодби за процедурите за барање на правата, за будењето на свеста и за дијалогот околу човековите права.

Но, она најважното е што по Светската конференција за човековите права на ОН, во 1993 година во Виена, работите започнаа бргу да напредуваат. Се издигна свеста за човековите права и тие станаа составен дел на работата на ОН. Според Мортен Кјерум, директор на Агенцијата за основните права на ЕУ со седиште во Виена, тоа поттикна и други успеси ширум светот.

„Уште во 1990 година имавме пет институции, кои беа во служба на набљудување и почитување на човековите права. Во 1990 година имавме само пет такви институции, и тоа ширум светот, а денес има повеќе од 100. Повеќето од нив се со седиште надвор од Европа. Според моите проценки, денес во Европа има можеби десет такви институции, но поголем дел од нив работат во Африка, Азија или Латинска Америка. Таму тие се многу попотребни. Можеме да заклучиме дека дебатата за човековите права забележува напредок, пред се’ надвор од Европа. Но изненадува фактот што десет години подоцна дебатата за човекови права повторно се враќа на стариот контекст каде судовите и политичарите отворено зборуваат за човековите права".

Дилеми во денешно време

По 11 септември 2001 година, дотогаш важечките ставови за човековите права беа доведени во прашање. На пример, војната во Ирак, која САД ја водат против волјата на повеќето земји-членки на ОН и без мандат од Советот за безбедност, кршењето на апсолутната забрана за измачување, но исто така и непочитувањето на елементарните функции на државата за заштита на луѓето, која во денешно време испорачува лица осомничени за тероризам на држави кои не ја почитуваат забраната за измачување. Германија е засегната од тоа.

Jahresrückblick 2008 International November Terrorserie in Bombay
Потребни се засилени мерки против тероризмотФотографија: AP

Хајнер Билефелт бара засилени мерки против тероризмот. Тој укажува на тоа дека во областа на законодавните мерки со кои се регулира безбедноста, забележуваме уназадување. Никој не оспорува, вели тој, дека треба да се преземат мерки против тероризмот и укажува на тоа дека сепак се случи она од што по 11 септември предупредуваше тогашниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер. Тој тогаш рече дека не смее да им се попушта на терористите односно дека не треба да се прават отстапки во борбата против тероризмот.

Под антитерористички мерки не подразбираме само конкретни кршења на човековите права. Во прашање се доведува и веродостојноста на западните држави. Тоа на пример е случај во новиот Совет за човекови права каде западните земји при гласањето, во меѓувреме се во малцинство. Освен тоа против нив станува се’ погласно префрлувањето дека мерат со различни аршини и дека попуштил моралниот притисок кон помалку демократските држави и нивните проблеми со човековите права.

Советот за човековите права, политичкото тело за човекови права на ОН, претставува предизвик и за германската надворешна политика, изјави неодамна Франк-Валтер Штајнмаер на едно заседание за човекови права во Берлин.

„Кога се основаше Советот ние знаевме со какви тешкотии ќе бидеме соочени. И затоа сериозно укажуваме на тоа дека работата треба и мора да биде поефикасна. Отсекогаш посакувавме Советот за безбедност да биде институција постабилна од Комисијата за човекови права. Се’ уште не е сигурно дали ќе успееме, но и понатаму ќе работиме на тоа“.

Задача што за разлика од денес можеше полесно да се исполни пред 60 години. Шокот од ужасите на 20-от век беше толку голем што ги обедини владите. На земјината топка 56 држави беа одговорни за околу две милијарди луѓе. Денес, Организацијата на обединетите нации брои 193 земји-членки и многу придружни набљудувачи. Светската популација порасна на околу седум милијарди. Климатските промени, глобализацијата, недостигот од храна, тероризмот и заканата од епидемии го конфронтираат човештвото со егзистенцијални проблеми, и затоа потребни се кооперација и соработка во интерес на сите луѓе и на нивните универзални права.

Универзална декларација и нејзина универзална примена

Со оглед на новите проблеми со човековите права, научникот и раководител на германскиот Институт за човековите права, Хајнер Билфелт, смета дека е неопходна Универзалната декларација за човекови права и нејзината универзална примена.

„Значи имаме на што да се повикаме, имаме адреса на која можеме да упатуваме поплаки. Имаме институции, кои функционираат повеќе или помалку, и се занимаваат со прашања од тој вид. Нашиот ангажман пред се’ е во цивилната и општествена сфера, во организациите за човековите права, Амнести Интернешнал, Хјуман рајтс воч и многу други. Така гледано, ако на момент поверуваме во фикцијата дека сето тоа не постои, тогаш во однос на неправдите во светот ќе се чувствуваме уште побеспомошни отколку што сме".