1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни ли се барањата на ДУИ за јазикот?

Свето Тоевски21 јуни 2012

Во Македонија зачестуваат барањата од ДУИ и целиот албански политички блок за проширување на рамката на службената употреба на албанскиот јазик на територијата на целата држава.

https://p.dw.com/p/15Isz
Фотографија: DW/S. Toevski

Верзии на албански јазик на интернет-страниците на министерствата, каде што министри се Албанци, официјална кореспонденција меѓу вработените и органите во тие министерства на албански јазик, како и меѓународна официјална кореспонденција, исто така, на овој јазик од министри Албанци со нивни колеги – ова се дел од обидите за изедначувањето на албанскиот со македонскиот јазик во официјалната употреба. Државниот секретар во Министерството за здравство Насуф Ипче од ДУИ пред извесно време побара во скопските здравствени установи и болници, како и во поликлиниките и болниците во општините, каде повеќе од 20 отсто од популацијата е албанска, да се воведе во службена употреба и нејзиниот јазик.

„Во Македонија нема да се воведуваат двојазични болници каде што целата кореспонденција, освен на македонски јазик би се одвивала и на албански, бидејќи не постои законска основа за тоа“, му одговори ВМРО ДПМНЕ преку министерот за здравство Тодоров тогаш на ДУИ, во врска со обидот за инсталирање на албанскиот како службен јазик во македонското здравство. 

„Се проучуваат модалитетите за употреба на албанскиот јазик и во АРМ“

Министерот за одбрана Фатмир Бесими на почетокот на овој јуни во изјава за програмата на албански јазик на МТВ рече дека се „проучуваат модалитетите за употреба на албанскиот јазик и во Армијата“.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи го упатува апелот на неговата партија „македонската и албанската политичка елита, но и целото општество, да изградат консензус за употребата на двата јазика еднакво на сите нивоа, во целата држава“:

„Веродостојното толкување на Уставот и на Рамковниот договор дека јазикот што го користат повеќе од 20 проценти од граѓаните е, исто така, службен јазик, како и нивната азбука, на ниво на целата Република, од македонската политичка елита се толкува како право на локално ниво. Албанскиот треба да се употребува на сите нивоа и сите институции каде што се користи и македонскиот.“

„Вонуставни политички барања за проширување на Охридскиот договор“

Рената Десковска – Треневска, професорка по уставно право на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е категорична:

„Не станува збор за барање кое е во рамки на Уставот и целосната двојазичност во Македонија не во согласност со него. Уставот има одредба како и каде се употребува албанскиот јазик. Употреба на два официјални јазика и во војската е навистина невообичаено и може да предизвика проблеми во нејзиното функционирање. Во војската секогаш треба да има јасен начин на командување и на комуницирање. Тоа треба да се прави на еден службен јазик кој го разбираат сите, а тоа е македонскиот јазик. Сите барања, кои дополнително се доставуваат од различни политички актери, значат барања за проширување на Охридскиот договор. Тие барања може да имаат негативни последици и да внесат нестабилност врз меѓуетничките односи.“

Mazedonische Armee
Употреба на два официјални јазика и во војската може да предизвика проблеми во нејзиното функционирање, вели Рената Десковска - Треневска

Осман Кадриу, професор по уставен и политички систем на ФОН-Универзитетот во Скопје има поинакво мислење:

„Тоа е барање, кое има своја подлога во Уставот и Рамковниот договор и треба да се применува. Не можеме да бидеме задоволни дека албанскиот, согласно со Рамковниот договор и Уставот, се употребува како втор службен јазик на ниво на државата: во сите институции на системот, во сите централни органи на државата, а не само во локалната власт.“

ДВ побара став и од пратеникот Илија Димовски, раководител на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, но не успеа во повеќекратните обиди во изминативе неколку дена.