1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Училиште за три религии

20 февруари 2010

Во Оснабрик се подготвува интересен проект за 2011 година -во приватно основно училиште заедно ќе учат ученици од христијанска, муслиманска и еврејска религија.

https://p.dw.com/p/M5hh
Во Библијата-корените за повеќе религииФотографија: picture-alliance / dpa

Оснабришкото училиште „Јоханис“ сега се‘ уште е место каде учат деца од католичка вера. Но, со оглед дека се‘ потешко се исполнува пропишаната квота од 80 проценти католички ученици, бискупијата дојде на идеја за училиште со ученици од трите религии со ист корен-кај сите нив се споменува Аврам, централна фигура на стариот завет и прататко на Израел. И кај муслиманите тој е клучна фигура, под името Ибрахим.

Живот во мултирелигиозно општество

Винфрид Фербург во бискупијата Оснабрик е одговорен за образованието, за оправданоста од интеррелигиозно училиште тој вели: „Тргнуваме од фактот дека нашето општество, па и нашата бискупија, каде спаѓаат градовите Бремен, Емден и Оснабрик, веќе не е подрачје каде живеат само христијани, било католици или евангелисти. Ова е мултирелигиозно општество.“

Школската управа сака да соработува со претставниците на разните верски заедници, како и со катедрата за исламска религиска педагогија на универзитетот во Оснабрик. „За наставата по исламска религија во преговори сме со професорот Укар од катедрата на универзитетот во Оснабрик. Веќе имаме добри искуства со неа во соработката при проектот исламска религија во средни училишта. Во моментов, на катедрата се школуваат студенти кои треба да бидат професори по исламска религија.“

Bibel und Koran
Библијата и Коранот

Булент Укар, професор по исламска религиска педагогија, има значителен придонес за воспоставување контакти меѓу муслиманските здруженија и заедници и бискупијата.

Тој учествува во креирањето наставен план за исламска настава за училиште во Оснабрик: „Нашата првенствена задача ја гледаме во соработката на различните религиски заедници во училиштето“, вели тој.

Рамноправна застапеност

Од почетокот, бискупијата во Оснабрик се изјасни дека и во училишното раководство ќе партиципираат претставници на различни религии. Винфрид Фербург: „Во колегиумот сигурно ќе се обидеме да ангажираме наставен кадар од различни религии. Тоа и не е толку едноставно, зашто такви нема многу, исламски и еврејски професори има малку и надвор од верската настава. Нашата идеја е, покрај постојните училишни тела, да формираме и еден дополнителен совет, во кој ќе бидат застапени верските заедници, со советодавна улога за сите проблеми од религискиот заеднички живот и од оние во училиштето.“

Symbolbild Judentum Islam Verständigung Versöhnung
Фотографија: picture-alliance / Godong

Долгорочна цел според концептот на училиштето за Евреи, муслимани и христијани е заедничка прослава на празниците од различните вери. Така на учениците ќе им се приближат верските традиции на другите. Во овој проект ќе се бара посилно учество од вообичаеното и од родителите: „Ова не е место каде ќе учат и живеат само учениците, наставниците, семејствата, туку ќе биде и место за образование на трите религиски заедници“, дообјаснува Винфрид Фербург.

Прилог кон соживотот

Булент Укар е убеден дека ваквите училишни проекти долгорочно ќе придонесат за унапредување на мирниот соживот на религиите: „Мислам дека нема да ни помогне никакво негирање на разните религиски идентитети ниту пак ставање во еден кош. При сите разлики, постојат заеднички нешта, слични идентитети меѓу луѓето од различни религии, што вакво мултирелигиозно училиште како ова во Оснабрик го почитува“.

Автор: Ерен Гуверчин/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска