1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УЧК веќе не е недопирлива

„Ное Цирхер цајтунг“/„Тагесцајтунг“/ Жана Ацеска6 јуни 2013

Германските весници пишуваат за апсењето на бивши функционери на УЧК, како и за загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ, споредувајќи го со кнез, кого самиот Бог го испратил.

https://p.dw.com/p/18l9i
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ное Цирхер цајтунг“ се осврнува на апсењето на шестмина некогашни истакнати членови на Ослободителната војска на Косово - УЧК:

„Тоа беа два удара, еден по друг. Првиот на почетокот на мај го зададе специјалната полиција по налог на ЕУЛЕКС, уапсувајќи ја т.н. Дреничка група. Уапсен е и Сами Лустаку, градоначалник на Дреница и некогашен окружен командант на УЧК. Државното обвинителство има индиции дека групата во текот на војната мачела и убивала заробеници. Уапсените кратко потоа беа ставени во куќен притвор. Вториот удар стигна од обвинителот на ЕУЛЕКС, Маурицио Салустро, кој успеа да го убеди судот дека членовите на Дреничката група би можеле да ги заплашуваат сведоците и да го отстранат доказниот материјал. затоа воените ветерани беа одведени од куќен притвор во истражен затвор. Неколку илјади припадници на воените здруженија излегоа на протести низ Приштина. Тие бараа повлекување на ЕУЛЕКС и пуштање на слобода на уапсените. Како што пренесоа медиумите, имало и директно политичко мешање во одлуката на Апелациониот суд.

Но, во полусенка, на социјалните мрежи, како Фејсбук, можеа да се сретнат и поинакви мислења. Тука престана да важи табуто за недопирливоста на кадрите на УЧК. Можеше да се прочита дека злосторството останува злосторство, без оглед кој го извршил. Дури пишуваше и дека обвинителот на ЕУЛЕКС е херој. Иако јавниот конформизам во однос на „херојската војна“ доби пукнатини, на Косово помалку доаѓа до соочување со минатото отколку во непосредното соседство. Во Србија, Хрватска и БиХ националните судови се пресметуваат со сопствените воени злосторници. Но, на Косово таа задача му е препуштена на ЕУЛЕКС. Она што е замислено како помош во создавањето на правната држава за поголемиот дел од населението делува како некаков неоколонијализам. Судството на Косово сосем сигурно се‘ уште не е во состојба на вистински начин да се пресмета со воените злосторства. Дали е ЕУЛЕКС во состојба тоа да го направи, останува да се види“, заклучува „Ное Цирхер цајтунг“.

Бандиќ како кнез: самиот Бог го испратил

„Тагесцајтунг“ во колумната со наслов „Зона на лукот“ донесува коментар за градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, во која меѓу другото пишува:

20. Jahrestag des Bosnien-Kriegs
Милан БандиќФотографија: DW

„Јужно од Сава се протега расцветаниот Загреб. Во паркот Бундек е во тек саем на цвеќе. Насекаде шатори со преубави растенија, пиво и бурек и ќебапчиња. Минатата недела тука се собраа приврзениците на Милан Бандиќ, неговите политички соборци. Тој е градоначалник на Загреб веќе 13 години. Паркот е неговиот голем триумф. Тој од некогашната депонија со ѓубре направи зелена оаза. Сплит, Вуковар, Сисак. И покрај критиките на СДП; најважните градови сепак остануват во рацете на социјалдемократите. Со искличок на Загреб. Па добро, и Бандиќ некогаш беше во СДП. Бандиќ себеси се гледа како спасител. Тој вели дека 16 часа во 365 дена во годината со две пушки и два пиштоли кружи низ Загреб, воден само од една мисла: на граѓаните на градот да им биде подобро. Тој гради фонтани, мостови, улици и сали, бакнува и разговара со болни жени пред објективите на камерите, ветува болници, детски градинки и работни места, никогаш со пријателите од стопанството не оди во ресторани, сите локални медиуми ги привлече на своја страна, трча секој ден и во секоја прилика за своите успеси му благодари на Бог, светата Марија и својата сопствена мајка.

Бандиќ нема ништо против малцинствата. За себе самиот тврди - тој е најтолерантниот човек кого го познава. Претседателот на Ромите, воени ветерани, се колне во него со зборовите: „Бандиќ е единствениот кој нешто прави за нас“.

Бандиќ нема ништо ниту против хомосексуалците.

„Како би имал нешто против? Па моето куче Руди е ’геј’“, вели тој. Бандиќ заклучува: „Јас сум посебен човек“. Со оваа реченица тој го започнува својот четириминутен говор со кој се заблагодарува на довербата на граѓаните и победата на комуналните избори неодамна. Бандиќ завршува со реченицата:

„Првпат ме гледате со очила. Тоа беше Божја волја, да не сум во состојба да гледам кратковидо. Јас сум, имено, далекувид“.

Бандиќ со евтини фрази и со помош на неколку цветни површини како некој кнез управува со Загреб. Не можете да го исмеете, зашто тој се смее на своја сметка. Но, тоа што парковите, фонтаните и евтините вицеви не можат да го скријат сиромаштвото на загрепчани, тоа најдобро го знаат оние кои по кантите со ѓубре во градот бараат пластични шишиња за да ги добијат парите за кауција“, пишува меѓу другото во својата колумна новинарката на „Тагесцајтунг“ Дорис Акрап, која како стипендистка три месеци поминува во Хрватска и Словенија, следејќи го „каунтдаунот“ за влез на Хрватска во ЕУ на 1. јули.