1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фасцинантно свечено отворање на олимпијадата во Атина

14 август 2004

Игрите ги отвори претседателот на Грција Стефанопулос. Последен носител на факелот беше срферот Какламанис, кој го запали олимпискиот пламен што ќе гори на стадионот до крајот на игрите. 4 милијарди луѓе во светот го следеа преносот од отворањето на олимпијадата. Реакциите – позитивни.

https://p.dw.com/p/AcLu
Од свеченото отворање: олимписките кругови пламнаа од водата со која беше прекриен теренот
Од свеченото отворање: олимписките кругови пламнаа од водата со која беше прекриен теренотФотографија: AP

Спринтер во стартна позиција на големиот екран, 400 барабани бијат во ритамиот на срцето - одбројувањето започна. Се појави бројот 28 – ова се 28-мите олимписки игри на модерното време, потоа со намалување се‘ до еден се воспостави врска со самиот почеток и обновувањето на игрите: Атина 2004 – Атина 1896-та. Одненадеж мрак, огнена топка се вивнува во темницата и паѓа среде олимискиот стадион во тој момент со 2162 кубни метри вода претворен во море од кое израснуваат петте пламени олимписки кругови. Така ефектно започна свеченоста на отворањето на олимпијадата во Атина.

72 илјади гледачи во реновираната Арена непосредно и околу 4 милијарди луѓе ширум земјината топка преку телевизискиот пренос доживеаја возбудливо шоу со многу изненадувања. Преку 4 илјади учесници ја реализираа програмата на отворањето со лајт-мотиви “биење на човечко срце” и “ трчање”. Шоуто беше инспирирано од грчката митологија и реализирано со најмодерна технологија. Во секој случај, фасцинантно шоу, покрај другото и со 2500 различни костими.

Со традиционалната формула “Со ова ги прогласувам игрите на 28-та олимпијада на новото време”, грчкиот претседател Костас Стефанопулос официјално го означи почетокот на олимписките игри во Атина.

“Олимписки игри, добредојдовте дома” - претседателот на Организациониот комитет на олимпијадата Јана Ангелопулос Даскалаки на свеченото отворање на игрите и со зборови го искажа она што беше проткаено низ целата фасцинантна програма на свеченото отворање: историскиот континуитет на олимписката идеја настаната во нејзината земја пред речиси 3 илјади години, од првата античка олимпијада во 776-тата година пред новата ера, преку возобновувањето во 1896-та година, се‘ до денешен ден. Отворањето на игрите покажа и дека таа идеја е неодвоив дел од националната идентификација на Грците. Претседателот на Меѓународниот Олимписки Комитет Жак Рог уште еднаш го нагласи значењето на фер-борбите и ја жигоса злоупотребата на допингот во спортот.

Големата непознаница и чест, кој да го запали олимпискиот оган, му припадна на серферот Николаос Какламанакис, олимписки шампион од 1996-та година. Сето на крајот беше гарнирано со голем огномет.

“Веќе доживеав многу свечени отворања, но ова, имав чуство, за прв пат беше вистински заокружено. Не беа долги, туку едноставно постојано возбудливи” – оцени синоќа во Атина Роланд Баар, некогашниот германски ас и олимписки шампион во веслање, а сегашен член на МОК. “Пламенот се врати дома - колку прекрасно. Сите земји обединети во мир, љубов и хармонија – игрите можат да започнат” – воодушевен беше еден од многубројните гости на Атина до светот.

Телевизискиот пренос од свеченото отворање во Германија привлече 13 милиони гледачи. На многу места преносот беше следен во кафулиња, во Берлин по традиција и колективно на Потсдамер плац. Луѓето беа воодушевени: “Неповторливо, особено зашто ова ми беше прв пат да гледам отворање олимпијадата”. “Величествено. Никогаш не би помислил дека стадионот изгледа толку феноменално добро. Грандиозен е со покривот, светлата, веселите луѓе во него – прекрасно”. “Се наежив, еднноставно се наежив. Сликите кажуваат се”.