1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фатален мир

Феликс Штајнемр11 ноември 2008

Историчарите ја означуваат Првата светска војна како „пракатастрофа на 20-от век“. Пред точно 90 години беше ставен крај на војната која, беше никулец за уште поголемата трагедија што се случи во Втората светска војна.

https://p.dw.com/p/Frhw
На 11 ноември 1918 година во Компиењ француска и германска делегација го потпишаа примирјето со кое и беше ставен крај на Првата светска војнаФотографија: dpa

Државите на ЕУ се’ повеќе се зближуваат и сраснуваат, но нивниот поглед наназад врз историските настани се’ до денес е под белегот на сопствената национална перспектива. Тоа станува посебно јасно при комеморациите по повод 11-ти ноември 1918-та, еден клучен датум за историјата на целиот континент: големи манифестации со високи по ранг гости во Франција, Белгија и Полска. Во Германија и Австро-Унгарија, напротив, денот исчезна од јавната свест.

Крајот на Првата беше никулец на Втората светска војна

Објаснувањето дека победите се слават, а не поразите, не е доволно. Факт е дека сеќавањето на Втората светска војна во Германија и Австрија речиси целосно го потисна сеќавањето на Првата - не само поради малото временско растојание помеѓу нив, туку многу повеќе поради трауматското доживување на војната во сопствената земја со сите нејзини ужаси и за цивилното население. Токму такво искуство имаат Французите и Белгијанците со Првата светска војна и поради тоа е се’ уште толку присутно сеќавањето на тоа и 90 години по крајот на големото убивање.

Kalenderblatt 1. Weltkrieg - Versailler Vertrag
Заседание од мај 1919. година во процесот што доведе до Версајскиот договорФотографија: dpa

Обете работи - заборавањето, исто како и редукцијата само на крај на „големата војна“, се несоодветни на историското значење на денот. Оти, примирјето не беше само крај на една војна каква што немало дотогаш, и со тоа еден позитивен датум во историјата на Европа, туку тој крај беше и фатален, оти веќе ги носеше во себе никулците на наредната катастрофа.

Потенцијал за нови конфликти кои следуваа

Примирјето од самиот почеток беше дискредитирано од фактот дека не го потпишаа офицери, туку претставник на првата демократија која штотуку настануваше на германска почва. Мировниот договор од Версај, кој резултира од примирјето, не беше соодветен на фактички неопходната цел да се создаде траен мировен поредок во Европа, туку ја следеше логиката на победнички мир. Подемот на Хитлер се должи пред се’ на паролата за реванш за „понижувањето од Версај“. И покрај трауматските доживувања од фронтот на една цела генерација, во Германија остана популарна идејата да се ревидираат резултатите на таа војна со нова војна. Така, Втората светска војна е незамислива без таквиот крај на Првата.

Erster Weltkrieg
Рововите од Првата светска војна се продлабочија за ВторатаФотографија: AP

Потенцијал за нови конфликти содржеа и другите мировни договори склучени во предградието на Париз со државите-наследнички на распаднатите велесили Австро-Унгарија и Османлиското царство. Самоволно повлечените граници на новите држави, кои не ја земаа предвид етничката структура на населението, се’ до денес не донесоа вистински мир ни во Југоисточна Европа, како ни на Блискиот исток, туку, напротив, беа предизвикувач на натамошни војни. Поради тоа историчарите ја означуваат Првата светска војна како „пракатастрофа на 20-от век“.

Историската поука од крајот на Првата светска војна е двојна: прво, мировен договор мора секогаш да го почитува достоинството на поразените, инаку создава се’, само не мир, и второ, секое непочитување на правото на самоопределба на народите секогаш предизвикува нови конфликти. 90-те години од 11-ти ноември 1918-та обете повеќе пати ги докажа.