1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040809 Fatah Palästinenser

4 август 2009

Во Витлеем се одржува тридневниот конгрес на палестинското движење Фатах. Станува збор за прв партиски конгрес по цели дваесет години, на кој треба да се одбере ново раководство и да се договорат програмските определби.

https://p.dw.com/p/J3Ji
Претседателот Махмуд Абас (во средината) ракоплеска на отворањето на конгресот во ВитлеемФотографија: AP

Многумина сметаат дека организацијата на претседателот на Палестинците Махмуд Абас фактички наредните три дена ќе се бори за преживување. Таа се наоѓа во тешка позиција, бидејќи палестинскиот народ е соочен со насилство од израелската армија, како големата офанзива во Појасот Газа од јануари годинава, со чести блокади и санкции, а најстрашно од се` е веројатно постојаното градење нови и нови еврејски населби на палестинските автономни подрачја. Поради таквата политика на Израел кај Палестинците фактички многу полесно наидуваат на одзив повиците за борба, што ги испраќа конкурентското движење Хамас. Заложбите на Фатах за откажување од примена на насилство и за мировни преговори со Израел немаат добра конјунктура. Затоа преку двесте илјади делегати на Фатах се соочени со сериозна дилема. Ако се дистанцираат потполно од примената на сила, тогаш губат многу гласови и приврзаници, а ако не се откажат од неа ја губат поддршката на меѓународниот фактор.

BdT Junge unter palästinensischer Flagge
Палестинско момче под огромно знамеФотографија: AP

Меѓу чеканот и наковалната

Затоа има и повеќе предлози за натамошната програмска ориентација на партијата: „Сметаме дека оружената борба не ни помага, но таа опција не треба сосема да ја исклучиме“, смета Фуад Кукали, една од водечките личности на движењето. Тој веднаш ја наметнува и втората крупна тема, околу која треба да расправаат делегатите, имено тесната кадровска поврзаност меѓу партиските кадри и палестинската авотномна власт. Фуад Кукали се залага за раздвојување на функциите: „Треба да создадеме разграничување и тоа треба да им биде јасно на луѓето. Оние кои седат во Централниот комитет на Фатах не смеат да бидат министри во владата или амбасадори или, пак, да командуваат со некоја единица на силите за безбедност.“

Повеќеслојни дилеми

Demonstrationen der Fatah in Ramallah
Припадници на Ал Акса бригадите, радикално движење поврзано со ФатахФотографија: AP

Ваквата заложба за раздвојување на партиските од државните функции нема да им се допадне на сите во моќниот Централен комитет на Фатах. А доколку партијата се реши да оди спротивно од мнението на моќните фигури, кои имаат влијание врз населението, тогаш истотака ризикува да ја загуби поддршката кај избирачите. Уште една тешка дилема за партијата на претседателот на Палестинците Махмуд Абас. „За да ја повратиме довербата на луѓето потребни ни се две работи: јасна политичка програма и раководство кое има голем углед и кое има сила да ја спроведе политичката програма во дело“, појаснува една од клучните фигури на движењето Махмут Ал Алул, поранешен гувернер на градот Наблус.

Автор: Торстен Тајхман / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска