1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ферари - музеј за механичарот што направи империја

Герхард Зонлајтнер / Александар Методијев9 април 2012

Родната куќа на Енцо Ферари ја опкружува футуристичка градба од стакло и бетон. Покривот на зградата е направен според автомобилска хауба.

https://p.dw.com/p/14Yfc
Фотографија: AP

По повеќе од пет години изградба, минатиот месец во италијанскиот град Модена беше отворен „Музејот – спомен куќа на Енцо Ферари“.

„Чест ми е да бидам денеска овде. Мислам дека тоа е одлично за Италија. Тој го претставува и ќе го претставува најдоброто од Италија. Ферари од секогаш беше тоа“, вели Лапо Елкан, потомок на Фиат.

„Бев вклучен во проектот од самиот почеток и се сеќавам дека куќата беше комплетно пропадната. Немаше ништо“, вели Антонио Џини, поранешниот шеф за маркетинг на Ферари.

„Од сега натаму фановите на Ферари имаат место каде да одат и да ја слушнат приказната за татко ми и за неговата страст “, вели Пиеро Ферари, син на Енцо Ферари.

Лични предмети во музејот на Ферари

Некогашната родна куќа на Енцо Ферари е само дел од околу 6.000 метри квадратни големиот музеј. Неговиот син Пиеро Ферари е иницијатор на проектот. Тој тука донесе многу лични предмети на неговиот татко. Тие ја раскажуваат приказната за чиракот механичар, кој подоцна стана возач на тркачки автомобили и ја основа една од најлегендарните компании за производство на спортски автомобили на светот.

„За мојот татко беа напишани стотици книги. Секоја личност, која го сретнала татко ми, напиша во минатото – го знам вистинскиот Ферари. Јас ја знам вистинската приказна за него. Но, тој беше многу комплексна личност и со високи барања, посебно кон мене. Тешка работа беше да се остане со него“, раскажува Пиеро Ферари, синот на Енцо Ферари.

Додека во родната куќа на Енцо Ферари можат да се видат пред се’ лични предмети, во новата градба се изложени автомобили од марката Ферари. Градбата беше дизајнирана од реномираното британско архитектонско биро „Фјучр Системс“.

„Конечно ја одбравме оваа многу модерна структура, бидејќи тој секогаш гледаше кон иднината. Тој бараше нови идеи. И, тој секогаш им веруваше на младите луѓе, младите иженери, младите архитекти“, вели Пиеро Ферари.

Museo Casa Enzo Ferrari
Кровот е од двојно заоблен алуминиум и претходно никаде не е направенФотографија: picture alliance/Photoshot

Форма инспирирана од автомобил

Андреа Морганте го дизајнираше и изгради музејот заедно со во меѓувреме починатиот чешки архитект Јан Каплицки. Појдовна точка за сите нивни размислувања беа автомобилите на Енцо Ферари.

„Тие беа референците на инспирација. Кога се подготвувавме за конкурсот, прегледувавме фотографии со детали од моторите и тркачките автомобили. Погледнете колку е убаво – формата, мислам... Ова е уметност. Ова е скулптура. Не толку многу луѓе го гледаат тоа. Тие едноставно гледаат црвен автомобил, но ние ја знаевме уметничката вредност и затоа рековме – ајде да го земеме ова и да го направиме зграда. Навистина големо, како зграда“, вели архитектот Андреа Морганте.

Доминантната боја во новата градба е жолтата – бојата на амблемот на Ферари. Градбата сама по себе треба да биде иновативна, како и конструкциите на Енцо Ферари.

„Се’ овде не е тестирано. Ова е еден голем прототип. И, претставуваше извонреден предизвик, бидејќи никој го нема направено покривов претходно. Тој е двојно закривен алуминиумски покрив и претставува тридимензионална скулптура од 3.000 метри квадратни. Предизвик е, а и фасадата беше технички предизвик. Така што, го има истиот дух, кој го наоѓате и во создавањето на овие автомобили“, вели архитектот Андреа Морганте.

Ferrari Dino 1973 Flash-Galerie
Ферари Дино од 1973 година, именуван во чест на синот на Енцо Ферари, кој починал во 1956 годинаФотографија: picture-alliance / imagestate/HI

Германците го немаат Ферари

„Музејот – спомен куќа на Енцо Ферари“ е сличен на големите автомобилски музеи во Германија на производителите како што се Порше, БМВ и Мерцедес – музеи повеќекратно поскапи отколку 18 милионската нова градба во Модена. Сумата во голем дел доаѓа од касата на општината.

„Кога се оди во музеј на познат бренд, се има чувството како во продавница, каде ви се продава идеја или автомобил од одреден бренд. Овде чувството е послободно. Нема толку многу дека морате да ја прифаќате корпоративната порака“, забележува Оливер Вајврајт, британски архитектонски критичар.

„Тие го немаат местото каде е роден Енцио Ферари. Можеби го имаат местото каде што е роден Михаил Шумахер, но Германците го немаат Ферари. Тоа е добра појдовна точка за нас“, забележува архитектот Андреа Морганте.

Таму каде што Енцио Ферари порасна во сиромашни услови на почетокот од 20-тиот век, сега се зборува за неговиот пат до успехот.

„Енцо не’ научи на животна лекција – никогаш да не се откажуваме. Иако можеби изгледа тешко, продолжи да сонуваш“, порачува архитектот Морганте.

Новиот музеј би требало секоја година да го видат по 200.000 посетители. Тука тие би требале да го почувствуваат „митот за Ферари“, дури и тогаш кога не би можеле да си дозволат еден од црвените и брзи спортски автомобили.