1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фестивал на Бах во Хамбург

12 ноември 2004

Баховиот фестивал годинава по трет пат во историјата гостуваше во градот Хамбург, за кого се врзани важни настани од животот не само на Јохан Себастијан, туку и на целото семејство Бах.

https://p.dw.com/p/AeV8
Оргинални ноти на Ј.С.Бах на еден симпозиум
Оргинални ноти на Ј.С.Бах на еден симпозиумФотографија: AP

Историската поврзаност на животот и делот на членовите на ова надарено семејство, впрочем е и основниот елемент по кој германските градови ја добиваат можноста да организираат ваков Фестивал. Следната година, според одлуката на новото Здружение со седиште во Лајпциг ќе има за прв пат и Европски Бахов фестивал и тоа во Париз.

Пред се преку кративниот ангажман на петтемина органисти на главните цркви во Хамбург изникна богата програма со преку 70 настани, во кои учествуваат околу 1200 изведувачи. Овој пат сите заедно се обидоа да осветлат една помалку позната страна на творештвото на Јохан Себастијан Бах, појаснува уметничкиот директор на фестивалот, Кристоф Шенер:

“Мотото е драматичниот Бах и тоа погрешно напишано со две м. Овој пат смисливме во центарот на вниманието да ги ставиме световните, а не духовните кантати на Бах. Познавачите на неговиот опус знаат дека мнозинството такви дела без религиозна содржина Бах ги насловувал со “драма пер музика“ и од таму и годинешното мото!“

Во богатата понуда на Фестивалот можеа не само да се чујат делата на Јохан Себастијан и неговото големо семејство, туку и да се откријат бројните врски што ги поврзувале со Хамбург. Со ваквиот оргинален концепт, на Кристоф Шенер му појде од рака да ја одушеви и пошироката публика:

“Имавме нарачки за карти дури од Јапонија и од САД. Фестивалот навистина доби поголемо и пошироко зрачење и влијание, отколку што мислевме на почетокот. Често ми приоѓаат на улица потполно непознати луѓе и ми велат дека градот добил прекрасна атомсфера и добро расположение...“

Во рамките на Баховиот Фестивал секако има и придружни манифестации со научни предавања и симпозиуми. Организаторите овој пат успеаја да го обезбедат присуството и на најреномираниот познавач на делото на Бах во целиот свет, професорот од американскиот реномиран Универзитет Харвард, Германецот Кристоф Волф. Нему пред пет години му појде од рака сензационално откритие, имено, во Киев го пронајде нотниот архив на Берлинската академија за пеење, што се водеше како исчезнат. Во овој архив се содржани најобемните оргинални нотни записи на семејството Бах.

Кристиф Волф, смета дека драматичниот израз во музиката на Јохан Себастијан е длабоко поврзана со неговиот престој токму во Хамбург:

“Операта во Хамбург, како најважна институција со најдолга непрекината традиција имаше важно влијание врз црквената музика и тоа многу пошироко од самиот град и неговата околина. Ова важи особено за творештвото на Јохан Себастијан Бах. Тој ги доби првите впечатоци за операта како форма овде во Хамбург и тоа го надополни неговиот примарен интерес за оргулите.“

На Баховиот Фестивал учествуваа и најпознати изведувачи на барокна музика, како Тон Копман, Рајнхард Гебел и Зигисвалд Куијкен.