1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе бара од Вестервеле датум за Македонија

Силвера Падори-Кленке9 ноември 2012

По денешните (9.ноември) разговори со еврокомесарот Штефан Филе, првиот германски дипломат Гидо Вестервеле за ДВ изјави дека предлогот на Комисијата за Македонија детално ќе биде разгледан!

https://p.dw.com/p/16gBY
Фотографија: dapd

Еврокомесарот Штефан Филе во Берлин лобираше за проширувањето на ЕУ. Најпрво кај шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле, а потоа и кај неколумина парламентарци.
„Денес имав исклучителни разговори со еврокомесарот за проширување Филе. Сметам дека работата на Европската комисијата е убедлива. Секако дека сите предлози на Комисијата детално ќе ги разгледаме, но во овој момент не сакам да дадам конечна оценка, зашто ова допрва ќе се вреднува“ , изјави министерот Вестервеле одговарајќи на прашањето на Дојче веле: Дали Германија ќе ја следи препораката на Европската комисија со која Македонија во декември конечно би добила датум за пристапни преговори со ЕУ?

Од извори во германското МНР, ДВ дознава дека еврокомесарот Филе и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле цел час разговарале за процесот на проширување на Западниот Балкан. Конкретно било анализирано: што се вели во октомврискиот извештај за напредок на Комисијата за секоја од земјите и што може да се очекува на декемврискиот самит на Европскиот совет.
Според истиот извор еврокомесарот Филе на германскиот министер за надворешни јасно и гласно му кажал дека „ ќе се радува и посакува во однос на Македонија конечно да има напредок“. Земјата четирипати по ред добива препорака од Комисијата за почеток на пристапните преговори и тие конечно треба да започнат.

Merkel Bundestag nach ESM Entscheidung
И Бундестагот ќе треба да даде зелено сцетло за отворањето на пристапните преговори на Македонија!Фотографија: Reuters

Датум без решение за името

Во разговор за агенцијата Ројтерс Филе изјави дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ без да се инсистира на решение за името. Позитивните сигнали од Скопје и Атина најавуваат дека решението за спорот со името може да се најде откако ќе започнат преговорите, и да не бидат повеќе услов за нивно започнување, рекол Филе во разговорот за Ројтерс.

„Доколку тоа не биде случај, можеме да гарантираме дека доколку спорот не се реши во раната фаза од преговорите тоа ќе резултира во забавување или целосно запирање на процесот на преговори“, вели Филе.

Нашиот извор вели дека Вестервеле конкретно не се произнел по ваквите ставови на Филе.
Германија меѓутоа „стои зад ставот дека спорот околу името мора да се реши и нејзиното однесување не е проблемот“. Наводно, „доколку има предлог кој е прифатлив од Грција и доколку има во оваа насока придвижување Германија нема да има ништо против почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ“.

Во секој случај, меѓутоа, не смее да се заборави дека времето одминува, а за секоја германска релевантна одлука за Унијата и пред се’ идните членства, неодминлива е дискусија и став од пратениците на Бундестагот. Ова значи дека до декемвриското заседание на Европскиот совет ќе мора да се произнесат надлежните комисии на Бундестагот и да дадат или не зелено светло со кое на Европскиот совет ќе настапи Германија.