1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе бара увид во преговорите за името

Катерина Блажевска16 јануари 2013

Комесарот за проширување предложил нова рамка, односно трилатерална средба Филе-Аврамопулос-Попоски, со која ЕК би имала директен увид во процесот на преговори за името меѓу Скопје и Атина.

https://p.dw.com/p/17KhC
Фотографија: dapd

Комесарот за проширување Штефан Филе во писмо до грчкиот министер за надворешни работи, Димитрис Аврамопулос, предложил нова рамка со која Комисијата би имала директен увид во процесот на преговори за името. Се работи за трилатерална средба, на која, како што се вели од дипломатски извори, покрај Филе и Аврамопулос би присуствувал и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски. Еврокомесарот побарал од Аврамопулос да назначи и свој личен пратеник, човек од доверба, кој би бил контакт од грчка страна во европскиот формат на тристрана комуникација, а информирал дека тој го именува генералниот директор за проширување во ЕК, Стефано Санино, за свој личен претставник во новата рамка. Во писмото Филе вели дека целта е да се надградат заклучоците за Македонија од декемврискиот Совет на ЕУ.

Мониторирање на напредокот

Според аналитичарите, не станува збор за паралелни преговори за името, туку за добронамерна желба за мониторирање на напредокот во преговарачкиот процес. Васко Попетрески, новинар кој континуирано ги следи новите иницијативи во преговарачкиот процес, оценува дека комесарот Филе се обидува на најдобар можен начин да си ја заврши задачата што му ја дадоа земјите-членки на ЕУ со заклучоците од декември: во пролетниот извештај за Македонија, меѓу другото, да извести и за „чекорите преземени за изнаоѓање компромисно и заеднички прифатливо решение за името".

„Филе, од една страна, сака да има подиректен увид во преговорите за името, а од друга, и да влијае на нивно придвижување кон решение. Предлогот на еврокомесарот не значи паралелен процес покрај оној што се одвива под покровителство на Обединетите нации, туку само негова поддршка", вели Попетрески.

Тој потсетува дека кога Филе во изминатите месеци се обидуваше да издејствува отворање пристапни преговори со Македонија, Грција покажуваше отворена резерва кон намерата тој да се наметне како фактор во преговорите за името.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Фотографија: AP/DW Fotomontage

„Оттука беше мало изненадување тоа што Грција се согласи со заклучоци со кои Филе и формално доби мандат за директен увид во процесот што се одвива под посредништво на Нимиц. Грчката влада беше соочена со силен пристисок за време на министерскиот совет на ЕУ, па обидувајќи се да спречи почеток на преговори со Македонија, мораше да ги прифати ваквите заклучоци. Сега има повеќе претпоставки како ќе се постави грчката влада кон иницијативата на Филе - од тоа дека ќе се обиде целосно да ја игнорира до тоа дека можеби ќе одглуми активитет. Има анализи и дека ненадејното појавување на Самарас на средбата меѓу Аврамопулос и Нимиц, било порака токму до Филе - дека за Грција Нимиц е единствениот легитимен медијатор во спорот и дека Атина сака да работи исклучиво со него", вели Попетрески.

Сменети позиции

Таков тон препознава и аналитичарот на преговарачкиот процес, Стево Пендаровски.

„По средбата на Аврамопулос и Самарас со Нимиц, во соопштението на грчкото МНР има една јасна реченица - дека Атина го поддржува процесот во ОН предводен од медијаторот Нимиц. Тоа е порака до еврокомесарот да не бара поголема улога во овој процес. Се случи смена на позициите. Ако претходно Македонија сметаше дека е подобро медијаторот да биде Американец, стравувајќи дека Европеец би бил наклонет кон Грција како земја-членка на ЕУ, сега Грција има став - што помалку инволвирање на ЕУ, толку подобро за неа, со оглед дека во Атина сметаат оти Филе не е непристрасен, односно дека е 'промакедонски' настроен", вели Пендаровски.   

Тој не верува дека Грција ќе дозволи поголема улога на еврокомесарот, тому поради страв од можен дебаланс во преговарачкиот процес во корист на Македонија. Без оглед на ирационални стравувања на Атина, Пендаровски посочува дека барањето на Филе е легитимно.

„На тоа го обврзуваат заклучоците од Европскиот Совет. За да има увид дали процесот се придвижува, тој едноставно мора да биде 'внатре', но не како преговарач или олеснувач, туку само како монитор", вели Пендаровски.

На потег е Грција. Филе го чека одговорот од Аврамопулос.