1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе во Атина ќе побара напредок во спорот за името

СН/ЕМФ/миа1 октомври 2012

Две недели по посетата на Скопје, комесарот на ЕУ за проширување Штефан Филе денеска (01.110) е во посета на Атина. Главна тема на разговорите со грчките власти се очекува да биде решавањето на спорот за името .

https://p.dw.com/p/16HvU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе денеска во Атина ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, јави дописникот на МИА од главниот град на Грција.

Весникот „Та Неа“ денеска пишува дека се очекува Филе на средбите во Атина да побара да се направи прогрес во решавање на прашањето за името на Македонија, со цел земјата да почне преговори за членство во ЕУ.

За време на престојот во Атина, еврокомесарот ќе има и одвоени средби со премиерот Андонис Самарас, како и со заменикот министер за надворешни работи Димитрис Куркулас.

Посетата на Филе на Грција доаѓа две недели по неговите средби во Скопје со македонскиот државен врв. При посетата на Македонија, Филе изјави оти очекува извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија да биде позитивен, имајќи предвид дека земјата направила многу во процесот на спроведување на обврските преземени со високиот пристапен дијалог.

Mazedonien - EU Erweiterungskommissar Stefan Füle
Еврокомесарот Филе за време на последната посета на СкопјеФотографија: MIA

Во врска со тоа дали позитивен извештај на ЕК за Македонија ќе значи почеток на преговори за членство во ЕУ доколку не постои спорот со Грција, еврокомесарот рече дека одлуките за почеток на преговори ги носат сите членки на Европската унија и оти тоа е политичка одлука.

По посетата на Филе на Македонија, грчките медиуми најмногу се осврнаа на неговата изјава дека „Македонија треба да остане посветена на подобрување на односите со сите соседи“, истакнувајќи го отвореното прашање за уставното име на Република Македонија.

Весникот „То Вима“ тогаш пишуваше дека во Атина има „посебна раздвиженост“ пред објавување на извештајот на Европската комисија за Македонија. Весникот пишуваше дека еврокомесарот Филе поддржува почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, а потенцира и дека „не исклучено во текстот на извештајот да стои ’македонски јазик’“.