Филе за ДВ: Пристапниот дијалог е охрабрување за европската агенда на Македонија
15 март 2012Во Скопје денеска (15.03.2012) започнува пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Европската унија и Македонија. Делегациите на двете страни во дијалогот ќе бидат предводени од еврокомесарот за проширување и соседска политика , Штефан Филе и македонскиот премиер Никола Груевски.
Непосредно пред денешниот почеток на дијалогот на високо ниво, еврокомесарот Филе за Дојче Веле изјави дека целта е доближување на земјата кон Европската унија и задржување на европската агенда како водечка сила на трансформацијата Македонија. И дека во никој случај не станува збор за замена на вистинските преговори. Дијалогот според него ќе ја охрабри агендата за реформи во земјата со постигнување на јасен договор за реформите.
„Фокусот ќе биде ставен во пет клучни области кои ги нагласив пред ЕП: Владеење на правото, слободата на говорот, реформата на јавната администрација и функционалната пазарна економија. Целта е да се создаде моментум, кој ќе му дозволи на Скопје да биде поблиску до преговорите за членство. Тоа е и за да се зачува на значајно место во агендата на Европската Унија, проектот на Македонија да и се приклучи на ЕУ. Комисијата преку овај дијалог со македонските власти сака да изработи патен налог за подршка на важните македонски реформи.“
Советот на ЕУ одлуките ги носи самиот
Дојче Веле и на комесарот за проширување Штефан Филе, му го постави прашањето односно како сега Европската комисија ќе го убеди Советот да донесе одлука за почеток на преговори.
„Не е наша работа да го убедуваме Советот. Советот е самиот тој кој ги носи своите одлуки и има свои процедури. Дијалогот на виско ниво кој го отвораме со земјата оди во таа насока, односно да ги поддржиме реформите во поранешната југословенска република Македонија.
Мислам дека е значајно да биде решен проблемот со името за добрососедките односи и да се создаде моментум, што ќе му дозволи на Советот да постигне концензус и донесе одлука за почеток на преговорите.“, истакна еврокомесарот за проширување непосредно пред доаѓањето во Скопје.
Автор:Тони Глaмчевски
Редактор: Симе Недевски