1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе: Мора да продолжат напорите на Србија

Марина Максимовиќ / Марта Таневска17 јули 2013

Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, го поздравува влегувањето на Србија во „нова фаза“ на односи со ЕУ. Тој истовремено предупредува на предизвиците од „долгогодишните и изискувачки“ преговори за членство во ЕУ.

https://p.dw.com/p/199gu
Фотографија: DW

Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, доаѓа во Белград за лично да и‘ посака добредојде на земјата и нејзиното раководство, во, како што се вели во Брисел, „новата фаза на односи помеѓу Србија и ЕУ“. Во Европската комисија повторуваат дека одлуката на Советот на ЕУ да ги почне преговорите за членство со Србија, била историска. „Одлуката да се почнат пристапните преговори е големо достигнување за српските лидери и награда за вложените напори последнава декада“, изјави Филе, пред да тргне за Белград. „Овие напори мора да продолжат бидејќи процесот е изискувачки и ќе трае со години“.

Истовремено од Европската комисија додаваат дека на агендата за разговор на комесарот со српските претставници има многу важни нешта. „Филе во Белград ќе зборува за конкретните подготовки за почеток на преговорите за членство. Тие подготовки се веќе во тек и од страната на Србија и од ЕУ. Ќе се разговара и за реформите кои мораат да продолжат, како во смисол на подготовките, така и во смисол на обврските на Србија кон својата европска иднина. Сигурно ќе се осврнат и на имплементацијата на договорот од дијалогот со Приштина“, изјави за ДВ, Маја Коцијанчиќ од Европската комисија.

Европски план за преговори за членство на Србија

Филе во Белград доаѓа со тим кој треба дополнително да ги информира српските власти за процесот на преговори за членство во ЕУ. Веќе се знае дека наредната недела Европската комисија, на 26 јули, ќе ја претстави нацрт преговарачката рамка, односно „сценариото“ според кое ќе се одвиваат преговорите за членство на Србија. Во неа ќе бидат дефинирани поглавјата на преговорите, како и условите за нивно почнување и завршување. Се очекува земјите-членки по летната пауза да почнат со разгледување на овој текст, кој треба да биде усвоен едногласно од Советот на министрите на ЕУ, а да го потврдат лидерите на ЕУ, за да можат да почнат официјално преговорите, најдоцна до крајот на јануари 2014 година.

„Процесот на европска интеграција отсега станува повидлив во секојдневниот живот за српската администрација, стопанствениците, студентите, за целото општество во Србија“, е пораката на комесарот Филе пред доаѓањето во Белград.

Проверка, анализа и споредување

Паралелно со процесот на усвојување на рамката за преговорите, ќе се одвива и процесот „проверка“, односно анализа и споредување на европското законодавство и стандардите со тие во Србија. Како што е веќе најавено во Брисел и проверката и преговорите за членство на Србија треба да почнат со најизискувачките поглавја 23 и 24, кои се однесуваат на владењето на правото, правосудството, борбата против корупцијата и криминалот.

Во исто време е најавено и дека целото поглавје 35 ќе биде посветено на меѓусебните односи помеѓу Белград и Приштина, односно нормализацијата на односите. Низ другите поглавја ќе се разговара, меѓу другото, и за земјоделството, заштитата на животната средина, енергетиката, сообраќајот, буџетската политика, економската и монетарната унија, регионалната политика и вклучување во заедничките институции на ЕУ.

Stefan Füle EU Erweiterungskommissar
Филе: Одлуката да се почнат пристапните преговори е големо достигнување за српските лидери и награда за вложените напориФотографија: dapd