1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе: Наместо реформи за ЕУ, во преден план се домашните потреби на владите

ЕМФ/миа7 март 2013

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска (07.03) во Европарламентот зборуваше за програмата за проширување на ЕУ.

https://p.dw.com/p/17t1r
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе посочи дека Европската комисија заедно со Советот на министри на ЕУ во првата половина на оваа година ќе подготват „амбциозна“ програма за проширување на ЕУ. Според дописникот на агенцијата МИА,  на расправата во Европарламентот, што ја организираа социјалистите со цел да се разгледаат социјалните последици од европската криза врз процесот на проширување, учествуваа и претставници на земјите од Западен Балкан. Притоа, Филе посочи дека во рамки на фондот „Рамка за инвестиции“ на Комисијата би се обезбедиле средства за земјите од Западен Балкан, меѓу кои и за Македонија, со кои ќе се градат енергетски капацитети и транспортна инфарструктура и ќе се инвестира во социјалниот сектор.

Според него, од голема полза за земјите од Западен Балкан ќе биде и засилувањето на ЦЕФТА-договорот за слободна трговија, кој може да се продлабочи и прошири со либерализација на услужниот сектор и со подобрување на условите за странски инвестиции. „Тоа Европската комисија го најави во Стратегијата за проширување од октомври 2012 година, а беше прифатено и од страна на Европскиот совет“, истакна Филе, додавајќи дека во истата стратегија е предвиден и дијалог за вработување и социјални реформи во земјите од регионот, кои имаат за цел членство во Унијата.

Еврокомесарот Филе оцени дека економската криза во ЕУ предизвика сериозни последици по земјите од Западен Балкан, каде е присутно слабо владеење на правото, високо ниво на „сива економија“ и голем процент на невработеност. Тој беше дециден дека Комисијата е подготвена да им помогне на властите во регионот за економското зајакнување, повторувајќи дека политиката кон новите членки на ЕУ е според нови строги услови, како опфаќаат владеење на правото и сузбивање на корупцијата и организираниот криминал.

„Многу се говори за замор од проширување кај земјите-членки, а државите кои сакаат членство во ЕУ делуваат како да се веќе заморени од реформи. Владите во овие земји се повеќе ги ставаат домашните потреби пред задачите во однос на подготовките за члество во Унијата“, потенцираше еврокомесарот за проширување Штефан Филе.