1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе: Препораката за преговори ќе важи, ако се спроведуваат реформите

23 јуни 2011

ЕК очекува формирањето на новата македонска влада да помине без проблеми, а земјата да се врати на спроведувањето на реформите. Тоа е пораката што еврокомесарот Штефан Филе му ја пренесе на премиерот Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/11iBQ
Филе и Груевски на една од претходните средбиФотографија: MIA

Како што информира кабинетот на Филе, еврокомесарот нагласил дека препораката за преговори е на сила, но за да продолжи да важи, земјата ќе мора да продолжи со напредокот во спроведувањето на неопходните реформи. Во соопштението по средбата се нагласува дека од Македонија се очекува да биде меѓу земјите од регионот, кои предводат на патот кон евроинтеграциите. Се оценува дека 2011 година ќе биде година на можности за процесот на проширување за Западниот Балкан.

Прашањето за името останува суштинско

Филе повторил и дека решавањето на проблемот со името останува суштинско прашање. Еврокомесарот нагласил дека двете страни треба да се ангажираат или под покровителство на ОН или, пак, преку директни разговори за решавање на спорот. Премиерот Груевски го информирал Филе за состојбата со преговорите.

Филе истакнал дека новата македонска влада мора да се фокусира на ефикасната имплементација на реформите во администрацијата и судството, борбата со корупцијата и слободата на медиумите. Филе го посочил и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, како и состојбата со Ромите.

Еврокомесарот доаѓа во Македонија на почетокот од септември на конференција за одбележувањето на десетгодишнината од Охридскиот рамковен договор.

Автор: АМ/ТТ/europe.eu

Редактор: Трајче Тосев