1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипини - на удар на природата

Б. Георгиевски/дв11 ноември 2013

Тајфунот Хајан е една од најтешките природни катастрофи кои ги погодиле Филипините. Но, тој е далеку од единствената. Оваа јужноазиска земја е лоцирана во регион во кој удираат сите можни природни несреќи.

https://p.dw.com/p/1AFTa
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Филипините низ својата историја страдале од огромен број тајфуни, земјотреси, вулкански ерупции и други природни катастрофи. Тоа пред сѐ се должи на нивната местоположба во центарот на т.н. Огнен круг, или тајфунски појас, голем регион во Тихиот океан каде се случуваат и бројни земјотреси и вулкански ерупции.

Годишно, околу 80 тајфуни се развиваат во тропските води. Од нив 19 навлегуваат во регионот на Филипините, а 6 до 9 го погодуваат копното, според пресметките на Центарот за предупредување од тајфуни.

Филипините се земја која е најмногу погодена од тропски бури во светски рамки. Силните тропски бури, како тајфунот Хајан можат да генерираат и до 10 пати повеќе енергија од атомската бомба во Хирошима, на пример.

Само во последнава деценија, Филипините беа погодени од серија тајфуни, земјотреси и вулкански ерупции во кои загинаа илјадници луѓе и беше нанесена огромна штета на инфраструктурата и на економијата во државата.

Земјотресот во Бохол, октомври 2013

Земјотресот кој ја погоди провинцијата Бохол на 15 октомври 2013 година беше најсмртоносниот во последните 23 години во Филипините. Ударот со јачина од 7,2 степени однесе 222 животи, повеќе од 970 беа повредени, а над 73 илјади куќи беа оштетени или уништени.

Philippinen Erdbeben Oktober 2013
Последици од земјотресот во БохолФотографија: Reuters

Тајфунот Бофа, ноември-декември 2012

Супер тајфунот Бофа го погоди јужниот филипински остров Минданао на 3 декември 2012, откако истиот регион веќе беше тешко погоден од слична бура една година претходно. Во масовните разурнувања страдаа 600 луѓе. Штетата беше проценета на повеќе од една милијарда евра.

Taifun Haiyan Philippinen 08.11.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тајфунот Фенгшен, јуни 2008

Тајфунот Фенгшен, предизвика хаос во Филипините од 20 до 23 јуни 2008 година. Во катастрофата загинаа 557 луѓе. Погодени беа повеќе од 99 илјади семејства на целата територија на земјата, а оштетени беа над 150 илјади домови во 10 региони. Филипинскиот совет за природни несреќи штетата ја процени на стотици милиони евра.

Fengshen Taifun Überschwemmung in Manila Philippinen
Манила по тајфунот ФенгшенФотографија: picture-alliance/dpa

Тропскиот циклон Дуриан, ноември 2006

На 25 ноември 2006, во тропскиот циклон Дуриан кој ги погоди Филипините загинаа 720 луѓе. Поројните дождови предизвикаа поплави и лизгања на земјиштето во кои загинаа дополнителни 800 до 1.000 луѓе. Севкупно, од последиците на Дуриан загинаа речиси 2.000 луѓе, а стотици се водеа како исчезнати. Материјалната штета беше огромна.

Philippinen - Verwüstungen nach Taifun Durian
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лизгање на земјиштето Гуинсаугон, февруари 2006

Селото Гуинсаугон, на јужниот крај на островот Леите буквално беше срамнето со земја откако врз него се урна цел рид на 17 февруари 2006. 1.126 луѓе загинаа во катастрофата. Цело училиште, заедно со уште 500 домови беа збришани откако земјата се спушти со неверојатна брзина низ блиската планина. На несреќата и претходеа десетдневни поројни дождови.

Philippinen - Verwüstungen nach Bergsturz in Guinsaugon
Лизгање на земјиштето во ГуинсаугонФотографија: Getty Images/AFP/Jay Directo