1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филтер за законот што треба да ја европеизира полицијата

Горан Петрески28 јуни 2012

Новиот закон за внатрешни работи се најде на јавна расправа. Стручњаците и опозиционерите имаа бројни забелешки. Новините нема да го решат клучниот проблем на полицијата, партизацијата, смета опозицијата.

https://p.dw.com/p/15N3L
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според СДСМ, новиот закон е обид да се амнестира министерката Гордана Јанкуловска од политичка одговорност во случајот Мартин Нешковски.

Законот што ја регулира работата на полицијата мина на јавна расправа пред тој да се најде на дневен ред во парламентот. Бидејќи станува збор за исклучително важна сфера стручњаците од областа се поканети да се произнесат за решенијата предвидени во измените на Законот за внатрешни работи.

Европската комисија во последниот извештај во делот на безбедноста и внатрешните работи посочи неколку слаби точки и побара реформи. Новините треба да обезбедат европки стандарди во начинот на казнување на полициските службеници кои нема да покажат резултати, обврската усната наредба на службено лице за вршење задачи да биде поткрпена со писмена наредба во рок од 24 часа, како и интензивирањето на соработката меѓу МВР и Јавното обвинителство. Ова се дел од клучните одредби во предложениот закон.

Калајџиев: Законите се носат да се применуваат

Професорот од скопскиот правен факултет, Гордан Калајџиев смета дека во законот не е доволно прецизирано кој ќе го избира тимот на полициски службеници.

„Оваа практика на Собранието, со ваков пристап, дека законите стапуваат на сила, а не се применуваат, не сум сретнал во друга, да не кажам нормална држава“, рече Калајџиев.

Mazedonien Parlament Skopje
Пред да дојде на седница на собранието, законот се најде на јавна расправаФотографија: AP

Со новините законот за внатрешни работи се усогласува со Законот за кривична постапка, вели Неџат Елези од Јавното обвинителство.

„Јавното обвинителство на ниво на држава работи во овој правец, врши подготовки во својот домен за што е можно побрзо и ефикасно имплементирање на овој закон, кој ги гарантира правата на сите граѓани и постулатот на презумпција на невиност“, вели Елези.

Станковиќ: Власта се пере од случајот Нешковски

Пратениците од опозицијата сметаат дека новините нема да го решат клучниот проблем на полицијата - партизацијата. Според опозиционерите, измените на законот се обид да се амнестира министерката Гордана Јанкуловска од политичка одговорност во случајот Мартин Нешковски.

„Ова е класично перење на совеста и создавање законски основи не да се почитуваат наредбите во МВР, туку да се создаде нов механизам за избегнување на политичката и секаков друг вид на одговорност на министерката за внатрешни работи“, рече Емилијан Станковиќ од СДСМ.

Заменик-министерот за внатрешни работи Џељаљ Бајрами бара овој трагичен настан да не се користи за меѓусебна политичка пресметка.

„Не е во ред една година потоа овој трагичен случај да се злоупотребува за да се добие некој политички поен. Случајот е за осуда, го осудија целата јавност и МВР, и тој кој го извшри ја доби потребната казна“, изјави вториот човек на полицијата.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ смета дека опозицијата се служи со политички квалификациии кои не се поврзани со измените на законот.

„Не треба да се злоупотребува седницата на Националниот совет за политички квалификации“, изјави Бонева.

Предложените измени на законот треба да овозможат македонската полиција да работи според европски стандарди.