1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финансиската криза се надвисна и над Светскиот економски форум во Истанбул

Јан Палокат31 октомври 2008

На традиционалната средба на големите имиња од бизнисот и политиката требаше да се расправа за подобрата соработка на Европа со земјите од Централна Азија. Но, долгата сенка на кризата го смени дневниот ред...

https://p.dw.com/p/Fl4a
Учесници на подиумска дискусија на Светскиот економски форум во ИстанбулФотографија: AP

Светскиот економски форум од Давос овој пат се пресели во Истанбул. На Босфорот пристигнаа стотици претприемачи и политичари од Америка, Европа, Централна Азија и Блискиот исток, кои требаше да разговараат за големите природни богатства на земјите од Централна Азија и за интересот на Европејците за овие ресурси.

Но, сега сите зборуваат за тоа какви мерки преземаат во ерата на меѓународната финансиска криза. Шефовите на големите концерни на Светскиот економски самит објаснуваат како се принудени да им помагаат на локалните партнери во странство за да се одржи бизнисот. А политичарите, исто како и експертите за економски прашања, во разговорите низ кулоарите, значи кога нема вклучени микрофони, се натпреваруваат во негативните прогнози: прашање е само дали очекуваат две, три или четири години рецесија или барем ослабена конјунктура, како и колку проценти опаѓање на производство ќе бидат во прашање.

И ноторните оптимисти се лошо расположени

Wirtschaftsgipfel in Istanbul Turkey World Economic ForumMinister Mehmet Simsek
Турскиот министер за економија, Мехмет СимсекФотографија: AP

Дури и инаку ноторно оптомистички расположениот турски министер за економија Мехмет Симсек овој пат нема многу подобро гледање на актуелната ситуација: „И нашиот регион ќе бид погоден, бидејќи надвор од него се случуваат толку крупни промени. Сега доаѓа втората фаза, во која по финансиската бранша на ред доаѓа и реалната економија, значи производните капацитети. Во целиот регион околу Турција сметаме со фаза на потпросечни стапки на пораст.“

Неговата татковина е само добар пример за она што допрва ќе се случи. Турција инаку поради претходната криза во банкарскиот систем доби поддршка од Меѓународниот монетарен фонд и воведе построги правила за работење на финансискиот сектор. Но, таквата санација не им помогна на турските банкари кога почнаа да се рушат кулите од карти во САД.

„Мислам дека најстрашното допрва доаѓа. Во Европа на дневниот ред е рецесија, која ако потрае повеќе од четири квартали, тоа ќе се одрази и на турската индустрија. Штета, таа одлично се развиваше во последните 21 квартали, но ако сега дојде кочење на стопанскиот пораст, тогаш тоа и за нас ќе значи многу квартали рецесија“ - појаснува истанбулскиот аналитичар за финансиски прапшања Аспер Ецге.

Кога ЕУ поткашлува, Југоисточна Европа е болна

Klaus Schwab, Gründer des Weltwirtschaftsforums in Davos
Апел од основачот на Форумот, Клаус ШвабФотографија: AP

Проблемот е во тоа што турската индустрија е многу ориентирана на извоз и тоа пред се’ во ЕУ, слично како и другите земји во регионот на Југоисточна Европа. Со тоа што Турција има и дополнителна слабост, имено големата презадолженост на претпријатијата. Доколку кризата потрае кратко, тогаш кредиторите ќе издржат, но доколку потрае подолго, тогаш и тие ќе се најдат во вителот на финансиската криза.

Против ваквото лошо расположение се обиде да го крене гласот основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб: „Преживеавме веќе многу кризи, но ниту една не беше толку длабока. Сепак, како што вели кинеската мудрост, секоја криза во себе носи и шанса, затоа сакам од сите вас да видат претпримеачки дух и тогаш секако ќе го надминеме и ова искушение!“