1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финансиските концерни играат „рулет со гладот“?

Стефани Хепнер/ Симе Недевски20 мај 2013

Хуманитарните организации со години протестираат против шпекулациите со прехранбени производи. Tврдат дека банките и други финансиски институции со тоа предизвикуваат драстично поскапување на храната и глад во светот.

https://p.dw.com/p/18Y16
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со шпекулациите со прехранбени производи се заработуваат милијарди. Банките, хеџ-фондовите и големите вложувачи можат преку фондови да шпекулираат со цените на земјоделските производи. На германскиот пазар се вложени околу 11 милијарди евра во шпекулациски финансиски продукти кои се однесуваат на прехранбените производи. Околу 6,2 милијарди евра од таа сума отпаѓаат на осигурителната компанија „Алијанц“, а според информациите на хуманитарната организација „Оксфам“ на големо инвестира и германската банка „Дојче банк“.
Затоа „Оксфам“ минатата недела организираше протесен собир пред зградата на управата на „Алијанц“ во Минхен, за време на заседанието на собранието на акционери. Главното обвинение на протестот беше: тој концерн учествува во „рулет со глад“. Така гласи и името на една студија која ја објави „Оксфам“ и во која остро се критикува работењето на „Алијанц“, „Дојче банк“ и другите големи инвеститори. Во студијата се заклучува дека тие со своите шпекулации со прехранбени артикли влијаат врз растот на цените. Исто размислуваат и други организации, како на пример „Фудвоч“.

Oxfam Hungerroulette Protest Allianz
Од протестот на „Оксфам“ пред седиштето на „Алијанц“ во МинхенФотографија: picture-alliance/dpa

Раст на цените за 300 проценти

И навистина, брз раст на цените е забележен во целиот свет. Така во Европа последните неколку години пченката поскапе за околу 200 проценти, пченицата во Сомалија за 300, а во Судан за 90 проценти. Последиците од тој драстичен пораст на цените се фатални: населението во сиромашните земји троши и до 80 проценти од своите приходи за храна. Само неколку центи повеќе може да предизвикаат егзистенцијална криза. Веќе сега ширум светот гладуваат 870 милиони луѓе. Најтешко се погодени жените и децата. Од друга страна, брз пад на цените може да ја наруши рамнотежата на пазарот и да ги уништи селаните. Во „Алијанц“ не веруваат оти нивните шпекулации на берзите се одговорни за осцилацијата на цените. „Ние ги советуваме нашите клиенти да вложуваат антициклично. И ако го погледнете инвестициското однесување на нашите клиенти, значи кога купуваат и кога продаваат, тогаш е видливо оти нашите клиенти купуваат кога цените паѓаат, и продаваат кога цените растат“, вели Николај Тевез од „Алијанц“. Тој смета дека тоа помага да се воспостави рамнотежа на пазарот.

Спорно истражување

„Алијанц“ и другите финансиски институции добиваат поддршка од одделни стручњаци. Економскиот етичар Инго Пиз проучил повеќе од 30 студии на таа тема, и тоа во периодот помеѓу 2010. и 2012. година. Неговата теза гласи: за порастот на цените се пред се' одговорни други фактори, како што се зголемената побарувачка на месо или биолошко гориво. Но, и таа теза предизвика бран критики. Хуманитарните организации велат оти Пиз ги одбрал само оние студии кои ја поткрепуваат неговата теза. Без разлика на бројните аргументи за и против шпекулациите на пазарот за прехранбени производи, многу банки во меѓувреме и сами донесоа одлука дека повеќе нема да се занимаваат со тој вид финансиска работа. Така на пример, германските банки „Комерц банк“ и „Дека-Банк“ веќе го запреа тој вид на вложување. И „ДЗ-Банк“ и „Унион Инвестмент“ најавуваат дека ќе престанат да ги нудат тие финансики трансакции. Но за економистот Давид Хачфелд од „Оксфам“ тоа не е доволно: „Ние сакаме политиката повторно да започне на соодветен начин да ги регулира пазарите.“

Tankstelle Zapfpistole
Биогоривото истотака ги зголемува цените на хранатаФотографија: dapd