1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финецот Ахонен со пет победи

Зоран Јордановски7 јануари 2008

Новата година на спортски план вообичаено започнува со традиционалните натпревари во скијачки скокови од турнејата „4 скокалници“ и воопшто со настани од зимските спортови

https://p.dw.com/p/ClRB
Финскиот ас АхоненФотографија: dpa - Bildfunk

Јане Ахонее прв спортист со пет победи на традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“. Вчера во финалето во австрискиот зимски центар Бишофсхофен Ахонен го освои првото место, пред Норвежанецот Бардал и Австриацот Моргенштерн и со тоа ја обезбеди и севкупната победа на турнејата. Со тоа Ахонен се издвои како најуспешен учесник во историјата на овие натпреварувања, оставајќи го зад себе некогашниот германски скокач Јанс Вајсфлог, кој беше четирикратен победник.

„Се разбира, се чувствувам перфектно - толку добро, што не можам да објаснам“, зборуваше инаку вообичаено воздржаниот Финец.

Томас Моргенштерн е севкупно второпласиран, а големо изненадување приреди Германецот Михаел Нојмаер, кој со вчерашното 10-то место е трет во генералниот пласман. Тоа е најдобар резултат на некој германски претставник за последните 5 години.

„Не, се’ уште не можам да сфатам. Првата серија скокови беше целосно куриозитетна и имав брутална среќа што успеав да изведам вистински добар скок и да се најдам во втората серија. Многумина скокачи отпаднаа. И мојот втор скок потоа беше сосем в ред. Денеска имавме извонреден успех на Мартин Шмит и мојот во севкупен пласман. Мислам дека можеме да бидеме задоволни“ – изјави Нојмаер на крајот од натпреварите во Бишофсхофен.

Мартин Шмит на последното натпреварување беше четвртопласиран, со што најави дека по долгата резултатска криза се враќа каде што порано припаѓаше - во светскиот врв во овој спорт.

На првиот натпревар од турнејата, во Оберстдорф, германските скокачи настапија со црн флор поради смртта на долгогодишниот сојузен тренер во овој спорт Рајнхард Хес. По подолго боледување Хес почина на 62-годишна возраст. Додека беше тренер на скокачите, во периодот од 1993-та до 2003-та година, Мартин Шмит четири пати беше светски првак, Свен Ханавалд стана единствениот спортист досега кој победи на сите 4 скокалници во една иста новогодишна турнеја, а на олимписките игри Германците под негово раководство совоија три златни медали.

Успех во повеќе зимски спортови

Викендот донесе успешни настапи и на други германски претставници во зимските спортови.

Магдалена Нојнер во биатлонската трка на 12 ипол километри ја забележа својата прва победа во оваа сезона, иако мораше да трча два казнени круга поради промашувањата кај стрелањето. Хојнер зад себе ги остави Русинките Анисимова и Мојсеева. Претходниот ден Нојнер во биатлонскиот спринт во Оберхоф го освои третото место, зад Норвежанката Тора Бергер и Русинката Светлана Слепцова. Нојнер дури четири апати промаши при стрелањето и мораше да трча дополнителни казнени кругови.

„Сметам дека за мене резултатот е о-кеј. Тркачки се’ беше добро, фала Богу ја совладав настинката. На почетокот имав малку дилеми, се плашев да не доживеам слом на крајот. Но, не тоа не се случи и во последниот круг можев вистински да нападнам“ – објаснуваше Магдалена Нојнер по трката.

Во алпско скијање Марија Риш и Феликс Нојројтер беа на прагот на победата. Риш водеше по првото возење на слаломот во Чешка, но по второто побрзи од неа беа Австријката Марлиз Шилд и Вероника Зузулова од Словачка.

Феликс Нојројтер како третопласиран во слаломот во Аделбоден во Швајцарија заостана само 14 стотинки зад победникот, светскиот првак Марио Мат од Австрија. Ввторопласиран е неговиот сонародник Бенјамнин Рајх. Севкупно тоа беше најуспешен викенд во оваа сезона за германските алпски скијачи.