1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финиш на преговорите за составот на македoнската влада

Александар Чомовски8 август 2006

Мандатарот Никола Груевски влегува во финишот од преговорите за новата влада. Околу имињата на новите министри останува сеуште неодреден. Такви му беа денеска и јавните одговори во Прилеп, дадени на одбележувањето на петгодишнината од загинувањето на десетте македонски воени резервисти на Карпалак, тетовско, за време на воениот конфликт во 2001 година.

https://p.dw.com/p/Ac4I
Фотографија: AP

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ не е вознемирен од уличната демонстрација на незадоволство на ДУИ и ПДП поради тоа што не се дел од идната влада, иако се победничка коалиција кај албанскиот електорат. Втор ден по ред, половина час претпладне беа блокирани магистралните патишта во земјата и центарот на Скопје. Главните најавени масовни протести штабот на Али Ахмети ги најавува за 16 август – денот кога се најавува дека идниот премиер, Никола Груевски ќе го соопшти составот на новата влада и министерските имиња ќе ги достави до парламентот.

Сеуште не е потврдено дали Никола Димитров, екс-амбасадор во САД би бил министер за одбрана, особено што овој ресор, според последните информации би требало да му припадне на таборот на Тито Петковски и неговата НСДП. Оттаму за можен шеф на дипломатијата се најавува екс-амбасадорот Благој Зашов, кој сега е избран пратеник, но во игра се и либералот Сашо Стевков и Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ, доколку не го води евро-секторот. За ресорот полиција, имињата се во конспирација иако одредени дипломати му сугерирале на мандатарот да се определи за личност која ќе биде прифатлива за тројцата коалициони партнери. Во ВМРО ДПМНЕ велат дека борбата против корупцијата ќе ја води нова агенција, за што проект смислува екс-министерот за полиција, Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, кој за време на кампањата се промовираше со идејата за декриминализација на макеоднското општество.

Идниот мандатар планира да има тројца заменици – еден за реализација на Рамковниот договор, од редовите на ДПА, како и македонските “странци“ – Зоран Ставрески, кој е во Светската банка и Глигор Ташковиќ, кој сега е ангажиран на балканскиот нафтоводен проект АМБО.