1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фитнес и за сениорите

Андреас Штерн – Цимонс / Светлана Брик29 април 2012

Западните општества се се´ постари, а тој процес во наредните децении уште повеќе ќе се забрзува. Желбата е повозрасните да ја задржат виталноста. За таа цел се работи на фитнес програми кроени посебно за повозрасните.

https://p.dw.com/p/13Tc9
Фотографија: Fotolia/Robert Kneschke

Од една страна поради падот на наталитетот, а од друга страна поради се´ поголемиот број повозрасни лица, како последица на подобрите животни услови и напредокот на медицината, западните општества се се´ постари. Само во Германија во 2050 година бројот на граѓаните постари од 60 години ќе ја надмине границата од 30 милиони. Добар дел од нив веќе не се однесуваат како што тоа беше случај пред некоја година. Денешните пензионери остануваат активни и по завршувањето на работниот век, засилено се вклучуваат во општествените расправи, но и телесно остануваат поактивни отколку генерациите кои им претходеле. Тој тренд го подржува и државата.

Полесно секојдневие

Fit im Alter - Seniorensport
Спорт во Центар за сениориФотографија: picture-alliance/ZB

Во преуредената сала на еден парохиски дом на периферијата на Келн, девет постари госпоѓи вежбаат со тегови „Тоа е добро за мускулите и коските. По вежбата се чувствувам извонредно, секому тоа можам да му го препорачам”, коментира една од учесничките во тренингот. Тоа е целта на програмата „Фит и во стотата”, која е развиена под надзор на познатиот Факултет за спорт во Келн.

Целта е возрасните лица со помош на два часа тренинг седмично да се одржат во форма. Секојдневните активности, како што се качувањето по скали или одењето на купување, би требале заедно со вежбите да станат сами по себе разбирливи. На тренингот во Келн учествуваат сениорки и сениори на старосна возраст од 60 до 85 години. Вежбите за постарите се целно конципирани. „Еднаш неделно по два часа не е исто што и два пати седмично по еден час”, објаснува Франк Нидер од Институтот за спортска геронтологија на Факултетот за спорт во Келн. „Сите вежби имаат за цел јакнење на мускулите, посебно ножните и грбните”, вели Нидер.

Телесната активност ја подобрува физичката состојба и го јакне духот

Wandernde Senioren mit Thumbnail
Корисно и за 90-годишницитеФотографија: Bilderbox

Едно од најпозитивните искуства на следењето на учесниците на тренингот скроен за постарите е тоа што се покажало, дека телесната активност влијае позитивно на се´, без оглед, дали се работи за лица, кои целиот живот биле физички активни, или за оние, кои дури по заминувањето во пензија ја откриле благодетта на тренирањето. Откриено е, дека староста не игра улога во подобрувањето на телесната состојба. „Сега можеме да кажеме, дека кај сите старосни групи, па дури и кај 90-годишниците е забележано подобрување што се однесува до силата во нозете или рацете, но и подвижноста и чувството за рамнотежа”, вели Нидер.

Освен позитивниот ефект на телесната состојба на учесниците, тренингот позитивно влијае и на социјалниот живот на сениорите. Многумина веќе по неколку средби се врзуваат за својата група и склопуваат нови познанства и пријателства.