1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фитнес-паркур во канцеларија

А.Шефлер / Е.М.Фиданоска26 април 2013

Со скокање до работното место, гимнастички топки наместо столови - еден претприемач во Кобург во канцелариите на фирмата за логистика има инсталирано еден вид фитнес-паркур. Движењето ја поттикнува концентрацијата.

https://p.dw.com/p/18KQD

Со скокање до работно место. Шефот Михаел Гик се грижи за добро расположение на своите соработници. Во текот на работното време секој може да прави фитнес вежби, тогаш кога му одговара. Секоја канцеларија има свои справи. Шефот на фирмата за логистика од Кобург сака да придонесе за повеќе движење во работното секојдневие. Идејата за ваквиот концепт е од фитнес-тренерот Дијана Гринберг:

„Овде се‘ е убаво шарено за соработниците да бидат поттикнати да скокаат, да најдат задоволство во движењето и на тој начин да развијат поголемо чувство за телото за да можат за кратко да се исклучат од работата, а потоа сосема свежи да се вратат на работната маса“, вели Гринберг.

Докажано е дека мозокот по околу 90 минутна целосна концентрација има потреба од мала пауза. Фитнес неколку пати во денот треба да стане секојдневие во оваа фирма. Контролорот Ралф Трибес раскажува:

„На почетокот беше малку невообичаено, но во меѓувреме вработните радо вежбаат за да се исклучат од работата со тоа што се концентрираат на спортската справа.“

Шефот Михаел Гик е воодушевен од фитнес-паркурот и со тоа го зарази сите. На почетокот мислел дека луѓето ќе го одбијат тоа, но се излажал:

„Временски малку заостанавме. Прво го опремивме првиот кат, а наредниот ден веќе дојдоа соработници од другите катови и прашаа каде се нивните справи или зошто сметаме дека нив не им се потребни справи. “

Веќе три месеци скокаат, „билдаат“ мускули, балансираат и веќе имаат идеи за нови вежби.