1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фитнес-студио за деца

Петра Мајер / Елизабета М. Фиданоска19 јули 2013

Фитнес тренинг за деца досега не беше вообичаен. Вежби за сила со цел да се создаде мускулна маса, а со тоа и подобро држење на телото, меѓутоа, меѓу експертите одамна не важи како нешто што е недозволиво за деца.

https://p.dw.com/p/197er
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Во хамбуршкото студио „Татендранг“, во превод - потреба да се биде активен, децата учат дека спортот може да биде забавен. Тие под будното око на тренерите вежбаат во мали групи. Повеќето деца се дебели или потребни им се повеќе мускули.

Деветгодишниот Ертан вака го објаснува доаѓањето во фитнес салата:

„Затоа што сакам да вежбам фитнес и да ослабам.“

Осумгодишната Кјара, пак, вели:

„За да се исправам, за да не се случи еден ден да одам искривена.“

Осумгодишната Лења, која веќе е фит, доаѓа затоа што сака да го поправи држењето на телото: „Забавно е. Имам чувство како да сум во авион или како Спајдермен.“

Jugendliche beim Krafttraining
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Тренинг на специјални справи за деца. Се вежба во круг, со смена на секои 30 секунди. Коректен тренинг за повеќе сила и создавање мускулна маса веќе одамна меѓу експертите не важи како несоодветен за деца. Франк „Пит“ Крачке, сопственик на фитнес студиото „Татендранг“ нагласува:

„Само со тренинг за сила и мускули може да се поправат коските и мускулите и со тоа да добие подобро држење на телото. Поинаку не може.“

Јасмин Фазлија ги поттикнува и децата што се плашат. Таа се грижи за тоа никој да не биде предмет на потсмев поради својата неумешност. Таа објаснува:

„Ако телото може да го искористам за да се подобрам на училиште, затоа што едноставно сум во подобра физичка кондиција, ако домашните задачи можам да ги завршам подобро затоа што сум пофит, тогаш вежбањето оди само од себе.“

За родителите меѓутоа тренингот не е евтин. Тие за три месеци мора да платат околу 270 евра.