1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фишер: мој пропуст е што не бев побргу информиран за Киев и што не интервенирав

25 април 2005

Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер во настапот пред Анкетната комисија на Бундестагот призна сопствени грешки, за кои ја сноси одговорноста, но ги отфрли прекорите од опозицијата дека еден указ од неговото министерство од март 2000-та година бил причина за масовна злоупотреба на германски влезни визи, пред се’ во германската амбасада во Киев.

https://p.dw.com/p/AcG0
Јошка Фишер денеска пред Анкетната комисија
Јошка Фишер денеска пред Анкетната комисијаФотографија: AP

Јошка Фишер пред Анкетната политика призна дека направил грешки, но принципиелно ја бранеше својата политика. Во првото сослушување на некој министер пред тоа тело во присуство на телевизиски камери, Фишер рече дека била на место либерализацијата на визната политика од страна на црвено-зелената владина коалиција, но комбинацијата од стари и нови наредби и упатства по март 2000-та довела до многубројни случаи на злоупотреба. Тој самиот вложил многу труд за да се запознае со подробности дури по почетокот на визната афера, но никогаш немал за цел да ги игнорира прекорите: „Може многу нешто да ми се подметнува, но со сигурност не и дека во животов би се скрил од нешто. Со тоа веќе ви одговарам на дел од вашето прашање за тоа што сум знаел. Тука вие од опозицијата секако имате точка за напад: за тоа морам да одговарам и стојам зад тоа. Што инаку и би можел да правам? Јас одговарам за моите грешки, морам да стојам зад тоа“.

Во март 2000-та во Министерството било решено да се издаде указ за да се постапува широкоградо при проверката на барањата за визи. Но, уште претходната влада ги вовела спорните документи за патна заштита со кои веќе не морал да се проверува бонитетот на секој поединечен барател и во комбинација со указот од март 2000-та, што министерот денеска консеквентно го нарекуваше „Фишеров указ“, потоа бандите за организирано префрлување луѓе ја искористиле новонастанатата ситуацијата. Тој дознал доцна, многу доцна за лошата состојба пред и во амбасадата во Киев, што главно ја искористиле бандите: „Тука воопшто не сакам да барам изговор. Мој пропуст е што не бев побргу информиран за Киев и што не интервенирав“.

Својата политичка одговорност Фишер ја гледа во тоа веќе да не дозволи такви состојби. Спорната наредба од март 2000-та веќе не е на сила. Фишер во иднина има намера пред се’ да ја подобри комуникацијата. Тој не зборуваше за оставка. Наместо тоа, водеше остри вербални дуели со претседателот на Анкетната комисија, пратеникот на ЦДУ Ханс-Петер Ул, кој на почетокот нагласи: „Илјадници странци крадешкум дојдоа до Шенген-визи во германски амбасади под изговор за туристички патувања. Комисијава треба да расветли како дојде до тој криминал на големо со шверцување луѓе, со што, како последица, во Германија дојде и работа на црно, проституција под принуда и трговија со жени. Злоупотреби при издавањето визи имало и ќе има. Цел на политиката, сепак, мора да биде по можност да го спречи тоа, а не да го олеснува“ – рече Ул.

По своето двочасовно излагање, Фишер како се’ повеќе да уживаше во играта на прашања и одговори пред телевизиските камери. Но, денов е долг – во четвртокот неговиот сопартиец Лудгер Фолмер беше испрашуван 11 часови. Ул навести дека Фишер можеби и по втор пат ќе биде поканет на сослушување пред Анкетната комисија.